Чулев: МВР ќе презема мерки ако не се почитува забраната за собирање во групи

Доколку не се почитува одлуката на Влада донесена на синоќешната седница за забрана за собирање во групи од пет и повеќе лица, припадниците на МВР ќе преземат мерки за растурање на групата со предупредување, а ќе се преземат и мерки согласно Законот за јавен ред и мир, порача на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Наќе Чулев одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на тоа дали во МВР се размислува за воведување кризна состојба на поширокото подрачје на Скопје, министерот Чулев рече дека засега не се размислува во таа насока и оти тоа е одлука што треба да ја донесе Владата.

– Претпоставувам дека бројот е зголемен затоа што и поголем број на граѓани сега сами спроведуваат тестови во приватните клиники и лаборатории, тоа е добро на некој начин заради тоа што може нас како МВР ни е полесно за мапирање, а подоцна и мапирање на нивните контакти вклучувјќи го и Министерството за здравство. Засега не се размислува во таа насока, тоа е одлука што треба да биде доенсена од Влада, наведе Чулев, додавајќи оти Министерството го зголемило бројот на полициски службеници кои се распоредени на терен за контрола на лицата кои се во изолација и самоизолација и контрола на спроведување на мерките и на одлуките на Владата.

Тој посочи дека можеби во наредниот период ќе се преземат поригорозни мерки со цел ограничување на движењето на луѓето.

Прашан колку често се прави контрола на лицата кои се во изолација, односно на колкав временски интервал, Чулев информира дека секторите за внатрешни работи прават контрола на лицата кои имаат издадено решенија за здравствен надзор два пати дневно со полициски патроли.

Во однос на тоа дали има потреба да се активира резервниот полициски состав, министерот потенцира дека МВР врши анализа во однос на потребите за ангажирање на резервниот полициски состав, но оти засега нивното ангажирање не е неопходно.

– Го имаме тоа предвид, голем број полициски резервисти сами се пријавуваат, но засега не е неопходно тоа, со оглед дека претседателот има прогласено вонредна состојба и сме во континуирани разговори, а имаме формирано и заеднички оперативен штаб со Армијата со цел нивна асистенција во однос на мерките и ингеренциите на полицијата. Доколку има потреба секако дека ќе се ангажираат и резервите на полицискиот состав, додаде Чулев.

Одговарајќи на прашањето дали согласно вонредната состојба има промени околку законската обврска за регистрација и технички преглед на возилата, министерот Чулев соопшти дека службите на МВР во текот на денешниот ден, а и в сабота и недела ќе ја согледаат потребата за измена на законската регулатива преку поднесување соодветни уредби со законска сила до Владата.

– Обврската за регистрација и технички преглед на возилата доколку и се продолжи станува збор со осигурувањето потоа проблем може да се нанесе штета и на други граѓани ако се продолжи регистрацијата на возилата, а не е продолжено и задолжителното осигурување, велу Чулев.

Тој информира дека МВР презема мерки и активности и во текот на денешниот и утрешниот ден ќе бидат поднесени до Владата и други уредби со законска сила во однос на продолжување на важноста на личните документи, пред се личните карти, пасошите, престојот на странци и возачките дозволи, а ќе се разгледа можноста од издавање на личните документи на друг начин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e