Царовска: Инвестираме во локалниот и регионалниот развој

Инвестираме во локален и регионален развој, со што ја придвижуваме локалната и регионалната економија, изјави земеник претседателот во македонската Влада, Мила Царовска за време на денешната посета во Битола.

За време на увидот на реконструкцијата на Офицерскиот дом во овој град, кој наскоро ќе биде трансформиран во Дом на уметноста, вицепремиерката посочи дека реконструираниот објект ќе биде привлечен за домашните туристи и туристите од странство.

– Видов објект со историја, душа…објект кој може да привлече многу туристи. Ние како Влада инвестираме во локален и регионален развој, со што ја придвижуваме локалната и регионалната економија. Овие објекти, нивното одржување и пласирање, создавање на приказни за нивната историја, може да обезбеди домашни туристи, но и туристи од странство кои ќе влијаат врз локалната економија. Владата во партнерство со Делегацијата на ЕУ и Светска банка во овој објект инвестираа 960.000 евра и очекуваме во објектот наскоро да има програма, културни содржини, уметнички содржини, истакна Царовска.

Реставрацијата на новиот Дом на уметноста се одвива според планираната динамика и пуштањето во употреба се очекува да биде наесен, во ноември, информира градоначалникот на Битола, Наташа Петровска.

-За функционалноста на објектот, Општина Битола дополнително обезбеди два милиони денари за современа инфраструктурна инсталација, водовод и канализација, со што објектот ќе биде приклучен на градскиот систем, а сообраќајно поврзан и со околните сообраќајници. Со проектот предвидено е хортикултурно партерно уредување и на тој начин овој дел од градот ќе има нова слика и нова душа. Објектот ќе биде Дом на уметноста, отворен за граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, а ќе има и музејски поставки, археолошки наоди и артефакти кои досега никој не ги видел, посочи Петровска.

Офицерскиот дом во Битола е изграден во 1909 година на иницијатива на Абдул Керим Паша, ктитор на објектот. Офицерскиот дом има визба, приземје, кат и галерија, а за ликот на објектот најголемо влијание имале архитекти од Австрија и Италија кои граделе со поддршка на познати мајстори од селото Смилево. Зградата на Офицерскиот дом се протега на површина од над 600 квадратни метри и ја опкружува прекрасен парк со површина од 18.532 метри квадратни.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e