Бектеши: Носиме мерки за да нема ценовни шокови со електричната енергија следната година

Ги правиме сите подготовки за зголемување на домашното производство на електрична енергија за да не се случат ценовни шокови со електричната енергија од почетокот на следната година. Ситуацијата со електроенергетскиот сектор е стабилна, цената на струјата нема да се промени до крајот на годината, а прогласувањето на енергетска кризна состојба е за да се зголеми ликвидноста на ЕСМ и МЕПСО, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во Топ Тема на Телма телевизија.

“Се зголемува домашното производство на електрична енергија, работиме за да ги ставиме во функција сите домашни капацитети за производство на електрична енергија со цел да нема големо покачување на цената на електричната енергија после 1 јануари за домаќинствата и за малите потрошувачи. Откако ќе се објави одлуката на Владата за прогласување на кризна состојба следната недела веднаш ќе се се префрлат средствата на енергетските компании за набавка на јаглен и за покривање на трошоците“ кажа министерот Бектеши.

Министерот појасни дека ќе се префрлат средства од околу 15 милиони за долгот кој го има МЕПСО за ненајавено повлекување на електрична енергија од европските мрежи.

„Владата ќе префрли 15 милиони евра за да се плати долгот кој го има МЕПСО, а потоа овие средства МЕПСО ќе ги наплати од трговците кои што ја повлекле електричната енергија, а овие средства кои Владата ќе ги префрли се за да не плаќаме дополнителни пенали во моментов и да не плаќаме поскапа струја“ кажа министерот.

Министерот потенцираше дека целта на Владата е да не се зголеми цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.

„РЕК Битола работи со два блока, РЕК Осломеј ќе се стави целосно во функција наскоро, правиме напори да се обезбеди мазут и да се рестартира ТЕЦ Неготино и двата котли и со набавката на јаглен која што очекувам дека ќе биде успешна за РЕК Битола и да се приклучи третиот блок ќе имаме дури и поголемо производство кое што ни е потребно и ќе можеме и да извезуваме“ кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека оваа енергетска криза во најголем дел е прелеана од светските пазари, со оглед на тоа што Северна Македонија најголем дел од електричната енергија ја увезува, со оглед на тоа што на светските берзи цената на струјата е енормно поскапена, се работи на целосно активирање на домашните капацитети.

„Работиме да најдеме најсоодветно решение за да излеземе од оваа енергетска криза со најмала штета“ кажа Бектеши и потенцираше дека по стабилизирање на ситуацијата ќе се бара одговорност од оние компании кои не работеле согласно плановите кои што ги доставиле до Владата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e