Анализа: Како се ширеше руското влијание и пари во обид да се блокира договорот за името и влезот во НАТО

Интервенцијата на Москва е двонасочна: во националистички кругови во Грција, но и во Македонија, пред се, кај ВМРО, која е активна рака на руската дипломатијa уште од крајот на 19. век“, пишува порталот „Athens voice“, пренесува Дојче веле.

Протерувањето на двајца руски дипломати од Грција и наодите за инволвираност на бизнисмени, црковни и други лица кои работеле на поништување на Договорот меѓу Грција и Македонија „е само врв на ледениот брег“, оценува грчкиот портал „Athens voice“. Во анализата се вели дека оваа приказната одамна се одвива, а се откривала преку работата на американските служби и механизмите на НАТО во соработка со Националната разузнавачка служба на Грција, но и со владата во Никозија. Целта била „детално да се мапираат контаките, финансирањата, движењата на руските агенти во Грција, подземните патишта на нивните комуникации со грчки граѓани и организации, како и нивната поврзаност „со специфични политички, општествени и економски активности“.

Порталот потсетува дека со протекување на одредени информации од грчката разузнавачка служба, во јавноста и претходно стигнувале одредени информации за „план за дестабилизација“, според кои, во „меѓуредови“ можело да се разбере дека сомнежот е упатен кон улогата на „трета земја“ која дејствува во Грција, но и во поширокиот регион.

Тројански коњи

Целта на разузнавачките активности бил „рускиот фактор“ и неговите дејства во Северна Грција, во Света Гора, меѓу бизнис групи и митрополити на Грчката православна црква, кои биле под руска контрола. Под посебна лупа било ставено купувањето на пристаништето во Солун и токму од таму почнува одмотувањето на клопчето.

„Рускиот фактор играл со асови во ракавот, и тоа од внатре“, пишува „Athens voice“. Како пример се посочува фактот што француско-германски конзорциум го купил пристаништето во Солун, но со малцинско учество и на рускиот бизнисмен Иван Савидис (1959). Порталот објавува дека во грчкото Министерството за надворешни работи биле подготвени служени белешки, според кои, зад конзорциумот што го купил пристаништето всушност се крие руска мафија, дека договорот е само „разработен параван“, а рускиот „бизнисмен“ од грчко потекло Иван Савидис е „тројански коњ“ на владата во Москва. Приказната почнала да се компликува во јануари 2018 година, кога започнал процесот за решавање на „македонското прашање“, на што преку изјави се спротивставил рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„’Интервенцијата на Москва’ е двонасочна: од една странa влијание во екстремно-десничарските националистички кругови на Грција, меѓу кои и на Света Гора, а од друга – активирање на противници на договорот и во Македонија, пред се кај партијата ВМРО, чија структура е активна рака на руската дипломатијa уште од крајот на 19. век“, се вели во анализата.

Случајот добил уште пошироки димензии, бидејќи таа активност се совпаднала со намерата на Вселенската патријаршија за унапредување на автокефалноста на Црквата на Украина, што уште повеќе го налутило рускиот фактор. Таа лутина особено се зголемила кога патријархот Вартоломеј го преземал решавањето на црквниот проблем на Македонија, „истргнувајќи го од Патријаршијата на Србија“. Сето ова, се случувало и во време кога црковната хијерархија на Кипар сфатила дека „инвазијата на рускиот фактор отишла толку далеку што некои тамошни митрополии ги претворила во ‘мал Кремљ’“, што било наведено и во соодветни извештаи.

Штабот“ во Света Гора

Во целиот тој период, едeн од центрите на одлучување за руските активности бил лоциран на Света Гора, каде под изговор „аџилак“ се собирале познати грчки екстремни десничари, пратеници на „Златна зора“, моќни црковни фактори, бизнисмени и „многу Руси од сите области и специјалности“. Како резултат на тоа, во Северна Грција биле активирани бројни бизнисмени, епископи, панмакедонски организации и разни политички движења, по што започнале јунските митинзи против Договорот со Македонија, плаќани и изнајмувани автобуси, и регрутирани еминентни личности од сите области.

„Патриотскиот амбиент беше поставен. Парите во изобиство течеа на двете страни од границата, во име на ‘патриотизмот’“, пишува „Athens voice“.

Со веста за протерување на руски дипломати, според порталот, грчката влада само во едно соопштение, го „исцртала“ Иван Савидис како еден од двајцата бизнисмени кои работат на поткопување на грчката влада и на дестабилизација на Грција. Претходно Савидис „изненадно“ го продал едно од своите претпријатија е во Ростов, Русија, како и најголемата грчка задружна тутунска компанија “Секап“. Во Грција му преостанале хотелот „Македонија“ во Солун кој бил изнајмен на одреден период, малото претпријатие за минерална вода и безалкохолни напитоци „Суроти“, весникот „Етнос“ кој е во криза, скапиот ТВ-канал „Е“, солунскиот фудбалски клуб ПАОК, како и 15 отсто сопственост во пристаништето во Солун.

Бидејќи владата одлучила да ја „пресече работата“ – да протера двајца руски дипломати и да забрани влез во земјата на уште две лица, според порталот, се очекува следните чекори да бидат подискретни, но и поефикасни: ревизија на банкарски сметки, „чистење во Црквата“, измени на некои од последните одлуки за приватизација на државен имот, промени во медиумите…

„Пораката на Атина е јасна: Не само што му припаѓаме на Запад, ние сме Запад (за среќа)“, заклучува „Athens voice“.

Хуманитарна фонданција“

Иван Игњатевич Савидис важи за исклучително близок до рускиот претседател Владимир Путин. Кога Путин во пролетта 2016 година ја посети Грција и замина во Света Гора, во негова придружба бил присутен и Савидис. Токму неговиот клуб „ПАОК“ на јунските протести го „обедини својот глас со милиони граѓани што го делат мислењето дека Македонија е само грчка”. Савидис политичката кариера ја започнал во 1998 година кога бил избран за пратеник во локалното собрание во регионот Ростов, а повторно бил избран во 2003 година. Во 2007 година бил избран за пратеник во Думата од партијата Единствена Русија, и на таа функција останал до 2011 година. Од 2012 година бил член на претседателскиот совет за меѓународни односи. Неговиот основен бизнис го започнал во 2004 година во Ростов, со компанијата „Агроком“ која се занимава со прозводство на цигари, месни и земјоделски производи, минерална вода и пластични амбалажи. Парите ги вложувал и во грчкото општество преку хуманитарна фондација основана во 2000 година, чии цели биле финансиска поддршка на реконструкција и изградба на цркви, организирање на аџилак и финансиска поддршка на православни образовни институции. Грчките служби располагаат со информации дали и колку дел од тие хумантарни акции завршиле со финансирање на активности против Договорот со Македонија во регионот на Северна Грција. Деновиве тоа беше тема и во светските медиуми.

„За 20.000 до 30.000 евра, можете да купите голема подршка во места како што е Александрополис, каде што невработеноста е висока“, изјавил жител за „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, планот на руските агенти бил откриен кога при при обид за поткуп на грчки воен офицер, тој го пријавил инцидентот на неговиот командант.

„Русите сакаа да предизвикаат прекин на разговорите за Договорот. Тие го засилија своето мешање во регионите Македонија и Тракија“, изјавил висок грчки дипломат за за весникот.

Деновиве регионални медиуми пренесоа и наводи од Извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи, во кој се нотира дека „Русија е подготвена да стори се што е во нејзина моќ за да предизвика дестабилизација на Западниот Балкан“. Според документот, празнината што настанала со запоставување на регионот од страна на ЕУ, ја пополниле други меѓународни актери – Русија, Кина и Турција. Во извештајот се потенцирало дека постои стравување оти Русија ќе се обиде да го попречи договорот меѓу Грција и Македонија, како и дека константно ги поддржува дестабилизирачките лидери во Република Српска, се што би можела да го дестабилизира кревкиот мир во Босна и Херцеговина

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e