Агенција за медиуми: Неделковски и Велиновска шират омраза кон Албанците

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) бара од Јавното обвинителство и од Комисијата за заштита од дискриминација да поведат постапка, бидејќи во емисијата на Миленко Неделковски каде што гостувала Мирка Велиновска, на телевизија Алфа во јануари 2018 година, ширеле дискриминација, нетрпеливост и омраза кон албанската етничка заедница.

Во извештајот на АВМУ објавен денеска на нивната веб-страница, посочени се конкретни примери, односно цитирани се делови од емисијата каде што Неделковски и Велиновска ги нарекуваат Албанците „диво племе“, „дивјаци“, „скитачи“, „чергари“, „дојденци“…

„Со уредничката одлука да ја емитува оваа однапред снимена емисија, ТВ Алфа овозможи да се шири дискриминација и говор на омраза врз основа на етничка припадност“, стои во извештајот и се додава дека иако емисијата „Миленко Неделковски шоу е надворешен проект и ставовите изнесени во неа не се ставови на телевизијата, тоа не ја намалува уредничката одговорност за изборот да ја емитува во рамките на својата програмска шема“.

Според Агенцијата, во меѓусебната комуникација, Неделковски и Велиновска, за да ги претстават своите ставови како разумни, вистинити и историски точни, во емисијата се повикуваат на изјави од Ноам Чомски, а нивните изјави се насочени против конкретна малцинска група, албанската етничка заедница, иако не изостануваат и негативни ставови кон Грците и Бугарите.

„Со уредничката одлука да ја емитува оваа однапред снимена емисија, ТВ Алфа овозможи да се шири дискриминација и говор на омраза врз основа на етничка припадност“

„Во текот на емисијата водителот поретко се јавува со прашања и коментари, односно гостинката во емисијата слободно и, практично без прекинувања, ги диктира темите. Емисијата изобилува со нејзини ставови кон јавни личности меѓу кои политичари, уметници, професори и други лица кои на еден или друг начин учествувале во општествено-политичкиот живот во Македонија. Станува збор за говор за кој засегнатите лица, доколку сметаат дека им е повредена честа и угледот, можат да поведат граѓанска постапка пред надлежните судови според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, по кој Агенцијата не е надлежна да постапува“, се вели во извештајот.

Агенцијата констатира дека во емисијата на Неделковски прекршен е членот 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (посебна забрана за поттикнување или ширење дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност), но бидејќи во Законот не е предвидена мерка за прекршување на овој член, писмениот извештај ќе биде доставен до Основното јавно обвинителство и до Комисијата за заштита од дискриминација за нивно понатамошно постапување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e