До 31 декември 17.000 земјоделци ќе добијат вкупно 80 милиони денари повраток на персоналниот данок

Поврат на персоналниот данок на доход во износ од вкупно 80 милиони денари треба да добијат околу 17.000 земјоделци до 31 декември годинава. Повратот се однесува за приходот од продажба на земјоделски производи кои земјоделците го оствариле во 2018 година.

Министерот за земјоделство, Трајан Димковски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска на прес-конференција во Владата ќе соопштат детали околу исплата која е во тек.

Димковски на почетокот од месецов соопшти дека е завршена проверката на списоците со земјоделците кои ги исполнуваат условите за поврат и апелира тие да ги ажурираат трансакциските сметки за непречена исплата на средствата.

Услов за поврат на персоналниот данок е земјоделците, покрај остварениот приход од продажба на примарни производи, да немаат остварено други приходи, по некој друг основ, кои се исто така оданочени со персонален данок. Нема да добијат поврат на средства оние земјоделци што се во работен однос или остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа, како и оние што се пензионери.

Физичките лица, пак, кои ќе го надминат прагот од еден милион денари остварен приход, имаат обврска согласно закон да регистрираат дејност во надлежен регистар. Регистрирањето може да го направат со запишување во Регистарот во Министерството за земјоделство како индивидуални земјоделци или во Централниот регистар како трговци-поединци или како правни лица.

Со последните измени на Законот за персонален данок на доход донесени во 2018 година, се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од 300.000 на еден милион денари, а граѓаните чија основна дејност е земјоделството, стекнаа право на поврат на данокот на доход во износ до 20.000 денари. Дополнително, беа ослободени од административни процедури како што е поднесувањето барање за регистрација како даночни обврзници и плаќање административни такси.

Ознаки: ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e