Жерновски: Љубовта и посветеноста секогаш ќе ги победат алчноста, лагите и рушењето

Мандатите на градоначалниците завршуваат денеска. За местото во Центар се гласаше во три круга. Ова беше најпосакуваната општина. Еве што напиша градоначалникот Андреј Жерновски на крај на четиригодишниот мандат:

„Огнот што гореше во нас, беше посилен од огнот што гореше околу нас
Чувствувам потреба да напишам некој збор на крајот од мојот четиригодишен мандат како градоначалник на Центар.

Ова беа најтешките и најубавите години од мојот живот, во кои ниту еден момент не можев да заборавам на сограѓаните кои три круга, со целиот ризик, излегуваа да гласаат за мене и за нас.

Во овој мандат кој по ништо не беше вообичаен, направивме добри работи. Со сите опструкции, сопки и нула денари од централната власт, успеавме да се издигнеме над ситуацијата и да останеме чесни, храбри, да работиме со љубов и посветеност.
Работејќи со и за граѓаните, сфатив колку малку знаеме едни за други, и ги научив крајностите во нашето општество, најубавите и најгрдите негови страни. Во поларизирани средини е тешко да се биде еднакво добар за сите, но мојата благодарност е насочена кон сите граѓани: и кон оние што ме поддржуваа, и кон оние што имаа замерки на моето работење.

Се надевам дека како што јас со радост гледам на новото училиште кое од ден во ден го добива својот облик, така е и со секој наш жител. Истото важи и за секој друг проект и секое засадено дрво и нов парк. Работевме со многу љубов и искреност, а тоа можам да го потврдам и за секој член од нашиот тим.

Хуманоста, добронамерноста, љубовта и посветеноста секогаш ќе ги победат алчноста, лагите, опструкциите и рушењето. Со цело срце верувам во тоа. Со таа мислам одам и гледам напред. Заедно со секој жител на нашата општина.

Успеавме, затоа што огнот што гореше во нас беше посилен од огнот што гореше околу нас.
Ви благодарам!“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e