Завршна училишна матурска прослава за 166 матуранти во Крива Паланка

Вкупно 166 матуранти, ученици во завршните години во гимназијата „Ѓорче Петров“, Крива Паланка во учебната 2017/2018 денес и официјално го завршија средното образование во гимназиско: општествено-хуманистичко подрачје, јазично-уметничко и прородно математично подрачје како и во стручните паралелки за електротехничка, машинска и туристичко-угостителска струка.

Во училишниот двор се одржа големата матурска прослава, на која учениците, весели и разиграни, заедно со класните раководители и професорите славеа и се радуваа на заокружениот сегмнет од нивнито живот, по кој ќе продолжат со потрагата по знаења и нови предизвици.

Традицијата на честитање на матурата со голема славеничка торта од страна на градоначалникот беше дополнителен сегмент кој ја разубави веселбата.

-Велат дека во животот кога славиме-победуваме, кога губиме-созреваме. Ние овде денес ја славиме вашата победа на една фаза од животот-полнолетството, матурирањето, но мора да кажам, истрчавте само еден круг, една етапа од целиот циклус на животот кој носи успеси и падови. Посакувам да сте секогаш среќни како денес, да бидете упорни и посветени, да вложите многу енергија во се она што планирате да го остварите, без оглед на тоа дали предизвикот за потрага по нови знаења ќе значи универзитетски индекс, или пак, останати правци во кои ќе се усмерите, посочи Мицевски честитајќи им ја од име на локалната самоуправа и Советот на општина Крива Паланка матурата на учениците.

Како што рече, секоја река го пронаоѓа својот пат до морето.

-Гордост и чест е да се стои овде пред вас, убави, умни, млади, насмеани, топли, срдечни и мудри личности. Ви посакувам секогаш гордо  и достоинствено да чекорите низ животот како што и заслужувате, и вие, но и целото наше општество, зашто сите вие сте дел од светот на умната човечност, порача директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Габриела Стаменковска.

Учениците продолжија со дружба во дворот на училиштето, се сликаа и забавуваа, а оттука продолжија со завршните подготовки за вечерната матурската забава, која ќе се одржи во понеделник на  21 мај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e