29-годишен жител на Струмица е лишен од слобода откако управувал автомобил со 1,75 промили алкохол во крвта и учествувал во сообраќајна несреќа во која загина 19-годишна девојка.
Несреќата се случила синоќа околу 23:30 часот на магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село, во атарот на село Турново. Во неа учествувале патничко возило „Сеат Леон“, управувано од С.Б. (29) од Струмица, и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од А.Д. (19) од село Иловица.
Во несреќата, од здобиените повреди на местото починала 19-годишната К.Ј., сопатничка на мотоциклот. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош. Возачот на мотоциклот се здобил со телесни повреди и бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица.
При увидот, извршен од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица, кај возачот на „Сеатот“ било извршено алкотестирање. Биле измерени 1,75 промили алкохол во крвта, по што тој бил лишен од слобода.
Полицијата констатирала и дека 19-годишниот возач на мотоциклот го управувал нерегистрираното возило без да се стекне со право на управување со моторно возило.
