Проектот „Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ кој го реализираа Здружението Активум од Куманово во соработка со Локалниот центар за демократија Суботица и Агенцијата за локална демократија Никшиќ имаше за цел да го зголеми младинското учество во дијалогот и соработката со локалните власти за младинските акциски планови, и зголемување на можностите за професионално зајакнување и вработување.
Граѓански Центар Активум во изминатите 6 месеци реализираше активности со цел поттикнување на мобилност и ангажирање на млади за регионална соработка и размена на добри практики во областа на економско зајакнување и вработување на млади. Посебен акцент беше ставен на унапредување на знаењето и претприемничките вештини за развој на старт-апи во ИКТ секторот, промоција на локално културно наследство со унапредување на регионалната соработка и размена на добри локални пракси во трите града.
Во рамки на проектот беше изработен Водич за претприемништво и можности за вработување за млади од 15 до 29 години. Водичот е наменет за млади претприемачи поготвени да инвестираат во својата иднина и својата страст да ја претворат во успешен бизнис.
– Водичот содржи информации и совети како младиот човек успешно да го започне своето претприемничко патување, улогата на дигитализацијата и социјалните мрежи во градењето на успешен бизнис, информации за тоа каде може да се дојде до едукација и обуки за подобрување на бизнис вештините, извори на финансирање на бизнис идејата, вмрежување и менторство, специјални програми за ранливи групи, и како преку иновативни идеи може да се помогне во решавање на реални проблеми додека се заработува, односно се разработува концептот на социјално претприемништво – изјави Марија Тошева од Активум.
Водичот во целост можете да го превземете на следниот линк: Водич за претприемништво и вработување на млади .
Публикацијата со наслов “Локални политики за вработување на младите од Западен Балкан – Од законска рамка до локални практични решенија” ги детектира најважните пречки со кои се соочуваат младите луѓе кои би сакале да започнат сопствен бизнис. Од истражувањето може да се забележи дека постои недоволна поддршка за младите претприемачи и тоа: ограничени советодавни услуги и поддршка за старт-апови, недостаток на простор за бизнис инкубатори, ниски владини субвенции, пречки за пристап до деловни финансии од приватни банки и финансиски институции, сложени административни процедури, несоодветен пристап до стручна поддршка и менторство, недостаток на деловни контакти меѓу младите, како и институционалната рамка која не е идеална. Повеќе информации можете да најдете на следниот ЛИНК.
Како дел од проектните активности се изработи и видео запис каде се документираа изјавите на учесниците кои беа дел од Регионалниот панел со наслов “Вработувањето на младите е на дневен ред – предизвици и перспективи за локалните самоуправи”.
– Млади, вработување, претприемништво, мобилност, размена, добри практики, обуки, поддршка – се клучните зборови на ова видео, кое ги документира активностите на проектот, но и перцепциите на младите луѓе кои беа дел од истиот, изјави Марија Тошева од Активум. Видеото можете да го погледнете на следниот ЛИНК.
„Урбаната култура ги поврзува младите од Западен Балкан“ е заеднички проект на Локалниот центар за демократија Суботица, Агенцијата за локална демократија Никшиќ и Граѓански Центар Активум од Куманово кој почна да се реализира во јануари и заврши во ноември, годинава. Проектот е поддржан од Регионалната Програма за Локална Демократија на Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската Унија (ЕУ), и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).