Украдени новозасадените дрвца кај поликлиника „Чаир“, случајот пријавен во полиција

Непознати сторители изминатата ноќ украле девет украсни садници од јавното зеленило пред Поликлиниката „Чаир“ во Скопје кои екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ги засадија во текот на вчерашниот ден.

Град Скопје соопшти дека со кражбата е причинета материјална штета, а претходно уреденото зеленило на локацијата е изгазено и уништено. Инцидентот е пријавен во полиција.

Екипите на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве се на терен во сите скопски општини и засадуваат нови зимзелени и листопадни дрвца за да ги обноват уништените дрвореди по должината на градските улици и булевари и за да подигнат нови. Во оваа есенска акција за засадување дрвја, на местото на украдените садници пред Поликлиниката „Чаир“ ќе бидат засадени нови садници.

– Засадувањето дрвја е приоритет на Градот Скопје како влог за чиста и здрава животна средина. Скопје и скопјани заслужуваат да имаат убаво уредени зелени површини. Поради тоа, Градот Скопје апелира до граѓаните да ги чуваат дрвјата и другото зеленило на јавните зелени површини и да придонесат за почиста и поздрава животна средина, се вели во соопштението од Град Скопје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e