Управата за јавни приходи (УЈП) му врати дел од парите од еднократната помош на болниот бездомник Јованче Христовски од Скопје, што му ги одзела од сметката како долг за неплатена радиодифузна такса за домаќинство што го нема.
„Од осумте илјади денари што ми ги даде како помош Општина Центар, само половината ги добив назад“, ни рече вчера Христовски.
Овој случај, за кој постапка има отворено Народниот правобранител Иџет Мемети, САКАМДАКАЖАМ го објави во средата. Веќе вчера, УЈП му ги врати половината од незаконски одземените средства на гладниот бездомник.
“Случајот не е затворен. Народниот правобранител ќе оди до крај, сѐ додека не му биде вратена целата еднократна помош на Христовски, која Управата му ја блокирала спротивно на Законот за даночна постапка. Во Законот е наведено декаУЈП не смее да симнува средства од сметки добиени по основ на: еднократна помош, социјална заштита, инвалиднина и детски додаток. УЈП има увид по кој основ граѓаните ги добиваат средствата на сметките и не смеела да блокира пари добиени како еднократна помош“, вели Зоран Билбиловски, државниот советник кај Народниот правобранител.
УЈП БЛОКИРАЛА ПАРИЧНА ПОМОШ НА БОЛЕН БЕЗДОМНИК ЗА НЕПЛАТЕНА РАДИОДИФУЗНА ТАКСА ШТО НЕ БИЛА НЕГОВА
Билбиловски вели дека во случајот на бездомникот Христовски, не станува збор за средства од плата или пензија, па да може УЈП да му задржува по една третина на основ на неплатени долгови.
Но, така не мисли УЈП. Во одговорот на нашите прашања, Управата наведува дека согласно член 130 став 1 точка 7 од Законот за даночна постапка, изземени од присилна наплата се примања по основ на детски додаток и други примања врз основа на социјална заштита, за што должникот треба да поседува соодветни управни акти како доказ за извршена исплатата на примањата по основ на социјална заштита. Еднократна парична помош согласно закон нема третман на примање по основ на социјална заштита, е тврдењето на УЈП, спротивно на Народниот правобранител.
Во дописот Управата уште еднаш ја прозива Македонската радио-телевизија:
“Што се однесува до исправка и ажурирање на адресни и матични податоци на обврзник за радиодифузна такса, ве информираме дека постапката ја води ЈП Македонска радиотелевизија (МРТ), која има законска надлежност за водење и ажурирање на Регистарот на обврзници за радиодифузна такса, вклучувајќи и спроведување на постапки за ослободување од плаќање на РДТ согласно Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. УЈП има надлежност исклучиво за наплата на РДТ за обврзниците и согласно податоците од Регистарот кој го води ЈП МРТ“.
САКАМДАКАЖАМ.МК напиша дека тоа што Христовски е бездомник, а плаќа РДТ, е апсурд кој произлегува од неажурноста на Македонската радио-телевизија, која што ги прави списоците на должници и која не ги чисти од бездомници.
Во случајов на Христовски се работи за долг од 2012 година. Сметката стигнала на адреса на стан на „Кузман Јосифовски – Питу“, на гарсониерата која Христовски уште во 1993 година ја продал на лицето Садрија Н. од село од село Чифлиг. Но, за да не биде фантом, Христовски, кој потоа од други околности останал и без работа и без станот на мајка си, останал да се води на таа адреса. Таа му е и до ден денешен, бидејќи мора да е пријавен на некоја адреса за да има лична карта.
Социјална помош на Јованче Христовски не му следува, бидејќи нема постојано место на живеење.