Дваесет и тригодишно момче од Кавадарци загина утрово во сообраќајна несреќа на влезот на Велес, кога неговиот камион се извртел на патот, а кабината сопрела на работ на провалија. Момчето немало среќа.
Му се отворила вратата и паднал во провалијата. Веднаш бил пренесен во велешката болница. Таму пак утрово тешко се доаѓаше до официјални информации во врска со починатото момче. Иако болницата има портпарол, изјава за новинарите немаше. Лекарот кој го примил починатиот возач, вели дека се обидувале да го реанимираат, но повредите биле фатални.
Од полицијата информираат дека утрово околу 7 часот товарно возило марка Сканиа сопственост на кавадаречка фирма, на источниот влез во Велес, на околу 250 метри пред старата бензинска пумпа на Макпетрол изгубило контрола и излегло надвор од патот, кон провалијата и застанало над амбисот. Даесет и тригодишниот возач Ј.Р. од Кавадарци излетал од кабината во провалијата, при што се здобил со повреди од кои починал. Јавен обвинител и увидна екипа од велешката полиција изврши увид, а истрагата е во тек.
Додека полицијата правеше увид, неколку часа беше затворен источниот приод кон Велес. Возилата беа пренасочувани кон населбата Речани и кон мотелот Македонија, па во центарот на градот настана вистински метеж од големи камиони, кои мораа да поминат низ Велес. Местото на денешната несреќа е црна точка. Тука, заради неприлагодена брзина и непочитување на условите на патот, често се случуваат несреќи со трагичен крај.
Извор: 24 телевизија