Прилеп им го врати споменикот на 19-те жители на селото Дабница

Прилеп им го врати споменикот на 19-те жители на селото Дабница кои во масакр на фашистичкиот окупатор беа стрелани на 19 септември 1942 година. Споменикот е реплика на поранешниот бронзен паметник кој пред 17-тина години вандалски беше уништен од досега непознати сторители. Споменикот на стреланите дабничани е откриен денеска, на 75-годишнината од ослободувањето на Прилеп.

Споменикот е висок околу 2 метри, широк 90 сантиметри и е реплика на уништениот од бронза. Директорот на прилепскиот „Завод и музеј“ Благоја Атанасоски изјави дека споменикот посветен на стреланите дабничани настрада од вандалски чин во 2002 година и оти се уште не се познати сторителите кои го искршија.

– Полицијата случајно ги пронајде бронзените делови на споменикот во прилепските отпади. Деловите во вреќи се депонирани во Прилепскиот музеј за што дознав неодамна. Минатата година исправивме една неправда и направивме реплики на орденот со кој Прилеп е прогласен за град – Народен херој, а кој 90-ите години од минатиот век исчезна и никогаш не е пронајден. Сега исправивме уште една неправда. Идејата за возобновување на споменикот е на Заводот и музеј. Кога беше уништен споменикот тогаш се направија две неправди: прво беше уништен симболот- спомен за стреланите дабничани од фашистичкиот окупатор. Споменикот беше дело на академскиот скулптор Димо Тодороски. Авторот на сегашниот споменик, Сашо Попоски и луѓето од леарницата направија максимални напори и од деловите на стариот го реконструираа споменикот за да се направи калап за новиот, кој е реплика на уништениот споменик, рече Атанасоски при денешното откривање на новиот споменик.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e