Почна премиерното издание на „Фудбал за сите“ во Крива Паланка

Околу двесте и четириесет дечиња на возраст од пет до единаесет години од денеска до петок ќе бидат дел од првата забавно-рекреативни спортска манифестација „Фудбал за сите“ што се одржува на градскиот стадион во Крива Паланка.
Настанот е во организација на Општина Крива Паланка, Фудбалска академија „Фудбал за сите“ и Здружението за унапредување меѓусебна доверба ТАКТ од Скопје.
„Фудбал за сите“ е иницијатива поттикната од програмата спорт за развој на вештини со поддршка на ГИЗ Северна Македонија.
Дваесетина млади тренери, спортисти и младински работници се водичи на тимовите дечиња поделени по станици кои ротираат и работат најразлични спортски,  фудбалски и останати игри, развивајќи и лични вештини кај учесниците: самодоверба, координација, моторички вештини и тимска работа.
Организаторите потенцираат дека радува фактот што интересот за учество е голем и кај девојчињата, а и во тренерската улога се застапени голем број млади девојки – спортски лидери.
– Крива Паланка како наш долгогодишен партнер ја почнува реализацијата на оваа иницијатива на наше огромно задоволство и целта е да прерасне и стане дел од активностите на уште многу општини ширум нашата земја, рече Магдалена Спасовска од ТАКТ.
Манифестацијата ја прогласи за отворена претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, која рече дека глетката да се видат на едно место толку многу дечиња, ангажирани во спортски активности кои значат здравје и среќа за нив, е прекрасна.
Тренерите Бранко Павловски и Антонио Јакимовски задолжени за координација на настанот информираат дека бројот на деца заинтересирани за учество е импозантен и веќе за наредната година ќе се планираат дополнителни активности за да се зголеми опфатот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e