По 2000 евра казна за тројца ресенчани за непочитување на полицискиот час

Основното јавно обвинителство Ресен поднесе предлози за издавање казнени налози за три лица заради кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, информираат од Јавното обвинителство.

Обвинетите, како што е наведено во соопштението, не постапиле според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на заразна болест предизвикана од коронавирусот Ковид-19, односно не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија донесена од Владата.

-Првообвинетиот на 24 март, наспроти донесената Одлука за забраната за движење на населението од 21:00 до 05:00 часот, бил затекнат во 22:10 часот како со патничко моторно возило Форд се движел кон излезот на Ресен спрема село Царев Двор. Вториот обвинет, инаку жител на Битола, на 25 март во 21:20 часот бил затекнат како го напуштал Ресен со патничко моторно возило Алфа Ромео, при што бил сопрен од полициските службеници кај контролниот пункт м.в. „Гранит“ Ресен на излезот према Битола. Третиот обвинет, пак, на 25 март околу 23:00 часот се движел по ул.„29-ти Ноември“ во Ресен поточно пред ОВР Ресен каде бил затекнат од полициски службеници на ОВР Ресен, велат од Обвинителство.

Јавните обвинители кои постапуваат во предметите на Основниот суд Ресен му предложиле на секој од тројцата обвинети да им биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e