Парчиња цигли паѓаат од извадената фасада на зградата „Пелагонија“ во најстрогиот центар на Скопје. Градежната фирма изведувач откако ја извади старата фасада, си ги собрала скелињата и заминала, а зад себе ја оставила соголената фасада од страната на семкарницата „Зуко“ на улицата 11 Октомври, непосредно до Порта Македонија. Дуќанџиите велат дека со страв се доближуваат до зградата оти од фасадата висат цигли и бетон, а се случува парчиња и да паднат на тротоарот, пишува порталот Сакам да кажам.
„Билдинг солушн“ и „Масон инженеринг“ за доградба на зградата во делот околу влезот и за преслекување во барок од Град Скопје требаше да добијат 1,9 милиони евра. Според договорот склучен во април, 2015, конзорциумот требаше целосно да го смени ликот на зградата во рок од 12 месеци, но и по 26 месеци рефасадирањето не е завршено.
Градските власти објаснуваат дека изведувачот се повлекол од зградата бидејќи му го раскинале договорот.
Од Град Скопје не кажуваат колку пари досега се потрошени за барокот на „Пелагонија“ и уште колку треба да се одвојат за довршување на фасадирањето.
„Град Скопје, поради непочитување на стандардите и роковите предвидени во договорот за реконструкција на фасадата кај Пелегонија, го раскина договорот со конзорциумот составен од ЛСГ ’Билдинг солушн’ Дооел Скопје и ’Масон Инженеринг’ Дооел Скопје и поведена е постапка за издавање на негативна референца кај Бирото за јавни набавки и активирање на банкарската гаранција. Град Скопје ќе распише нов јавен повик за избор на изведувач на реконструктивните зафати на оваа фасада“, вели Град Скопје.
Целиот текст прочитајте го тука