Општина Центар ќе ги згрижи децата од Дневниот центар до изградба на новото училиште

Децата со церебрална парализа од Дневниот центар, до изградбата на новото основно училиште „Капиштец“ ќе бидат сместени во објектот на урбаната заедница „Славе Георгиевски – Шнајдерот“, информира денеска општина Центар.

Како што соопшти општина Центар, просторот со површина од 250 метри квадратни ќе биде целосно реконструиран, опремен и адаптиран за престој на овие лица, а по изградбата на училиштето, тие ќе добијат на користење 300 метри квадратни во новото училиште, со најсовремени услови и ќе имаат посебен влез во училиштето.

Одлуката по предлог на градоначалникот Жерновски, била едногласно донесена од советниците во општина Центар на вчерашната седница.

Новиот простор кој ќе го користат наредните две години е во согласност со стандардите за пристапност, движење и опслужување на лицата кои се движат со помагала и ќе има соодветно адаптирани тоалети.

Претставници на Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа присуствуваа на седницата на Советот на општина Центар.

– Многу од тие врати пред нас останаа затворени. Дали овие тешки врати некогаш ќе се отворат за нас и дали ќе покажат малку повеќе почит и грижа за оние кои не знаат да се бунтуваат, туку само чекаат и молат. Децата и лицата со попреченост не се само статистички податок, тие се личности со име и презиме и имаат право на живот. Ние сме како водата, таа секогаш оди само напред и не се врти назад за да види кој пие од неа. Препреките ги пробива или мудро ги заобиколува. Ниеден камен не ѝ е дораснат, рече еден од родителите на Здружението на деца заболени од церебрална парализа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e