Министерството за труд и социјална политика: Потпишани договори за изградба на градинки во четири општини

Во општините Карпош, Валандово, Пробиштип и Арачиново ќе биде зголемен капацитетот за згрижување деца од претшколска возраст преку изградба на детски градинки со средства во висина од 134 милиони денари, дел од грант на Светска банка за оваа намена. Со изградбата на овие детски градинки ќе се обезбедат дополнителни места за згрижување на околу 320 деца.

За оваа цел денеска во Владата беа потпишани договори меѓу Министерството за труд и социјална политика  и овие четири општини.

-Ние како Министерство за труд и социјална политика и Владата презедовме обврска дека до 2024 година ќе отвориме нови 7.500 работни места во предучилишното воспитание, а тоа е директна инвестиција во децата. Со овие четири, годинава ја затвораме со 13 потпишани договори за изградба на градинки во наредната и во 2021 година, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Со ова, додаде таа, покажуваме дека предучилишното образование го ставаме на врвот на пирамидата на образование, бидејќи стартот на децата е навистина е важен за нивниот натамошен развој и подготвеност да се соочат со предизвиците во животот.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев рече дека во изминатиот период Општината реконструирала повеќе детски граднки, а изградила и една целосно нова градинка во Бардовци, и изграден е нов објект на градинката „Мајски Цвет“ во Тафталиџе. Со денеска потпишаниот  договор, рече Богоев, ќе биде изграден нов објект на градинката „Орце Николов“ во населбата Карпош 3.

Нови градинки ќе се градат и во Валандово и и Прибиштип. Со ова, како што рекоа градоначалниците се продолжува со инвестирање во детската заштита. Во Пробиштип, како што рече градоначалникот  Драган Анастасов, комплетно ќе се реши проблемот со згрижување на деца од претшколска возраст.

За Арачиново, според претставникот од оваа општина Ирфан Илмани, ова е историски момент, бидејќи како што рече ќе се озвозможи изградба на првата детска градинка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e