„Овластување дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност. Таа работа не оди така. Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било. Шест месеци Карпош живее во целосен застој“ пишува на Фејсбук поранешниот градоначалник на општина Карпош – Стевчо Јакимовски по неофицијалните информации дека актуелниот градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски веќе ја напишал оставката од функцијата, но има притисок истата официјално да ја поднесе.
Јакимовски, пак, вели дека „граѓаните се измачуваат, вработените се оставени во неизвесност, а општината што важеше за една од најфункционалните во државата — денес е парализирана. Приходите се сведени на минимум, нови проекти нема, а старите — дури и оние за кои нивната Влада одобрила средства — не се реализираат. Со еден збор: Застој“.
„Градоначалникот Сотир Лукровски, кој на 2 ноември 2025 година го доби мандатот да ја води Општина Карпош во наредните четири години, уште од самиот старт почна да лелека колку му било тешко. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата на општината. Па добро, за што се кандидираше човекот?“ прашува тој.
Вели „карпошани гласаа за градоначалник, а добија човек кој ниту сака, ниту може да ја води општината. Уште од првиот ден, ВМРО-ДПМНЕ воведе колективно раководење во Карпош. Имаме наводен секретар без кој, како што велат, не може ни мува да помине. Имаме нови луѓе во урбанизмот. Имаме канцеларија за советничка која изиграва правник. Имаме надворешен супервизор со канцеларија. Имаме претседавач кој цел ден кисне во општината. И згора на сè — уште двајца адвокати кои до доцна во ноќта го проверуваат секој акт. Значи, Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во пост титова Југославија“.
„Карпошани добро се сеќаваат: во изборната кампања, на булеварот „Партизански одреди“, токму под билбордот на кој беа Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски, јавно кажав дека Христијан се обидува на граѓаните на Карпош да им продаде мачка во вреќа. За жал, таа мачка шест месеци изигрува болен мајмун, а последиците ги трпат граѓаните на Карпош. Не може така. Не може да си играте со волјата на граѓаните. Не може Карпош да биде партиски експеримент. Карпошани заслужуваат градоначалник. Не партиски заменик. Не колективно претседателство. Не мртов коњ“ – рече Јакимовски.
