Со блокирана сметка Бакрачески се рекламирал за 1,9 милион денари на порталот „Охрид 1“

Тринаесетта година по ред Општина Охрид работи со блокирана сметка, но тоа не било пречка претходниот градоначалник Никола Бакрачески со години од општинската каса да плаќа услуги на фирми за што охриѓани му забележуваат дека биле на негови блиски пријатели. Иако законот пропишува во услови на блокирана сметка да се троши само за вршење на основните задачи, Охрид трошел за промотивни видеа за туристичка понуда и за објавување огласи и информации во медиуми.

„Макфакс“ преку барање за пристап до информации од јавен карактер дојде до сумите што за изработка на промотивни видеа за туристичка понуда и за објавување огласи и информации му биле исплатени на Љупчо Таневски, сопственик на „Мегастар продукција“ ДООЕЛ Охрид и „ЛТ трејд“, кој во исто време е сопственик и на порталот „Охрид 1“. Во рок од пет години, односно од 2013 година до 2017 година, на Таневски Општина Охрид му исплатила 1.989.560 денари или 32.350 евра. Ако оваа сума се подели по месеци, излегува дека цели пет години Општината месечно му исплаќала по речиси 540 евра на Таневски.

Со второ барање за пристап до информации од јавен карактер „Макфакс“ побара детален преглед за префрлените пари од сметка на Општината на фирмите на Таневски за секој месец одделно заедно со објаснување на кој начин е прикажано трошењето со оглед на блокираната сметка, а побаравме и примероци од објавите и промотивните видеа. Одговор на второто барање не добивме и покрај истекот на законскиот рок од еден месец.

Сегашниот градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски, вели дека го чека извештајот од ревизијата на финансиското работење во Општината за да иницира постапки против евентуално недомаќинско трошење пари од сметката.

„И во услови на блокирана сметка се можни законски плаќања од сметката. Судот ни утврдува лимит во чии рамки може да се трошат општинските пари, а сè друго оди за отплата на долговите. Тоа е начин со заобиколување на долгот за да функционира Општината. Ние направивме длабинска анализа на трошењата во Охрид и не е исклучена можноста да иницираме постапки за барање одговорност за недомаќинско трошење. Ревизорите ја завршија работата овде, чекаме извештај за да ги утврдиме следните чекори“, вели градоначалникот Стојаноски.

Општина Охрид не ни испрати примероци од објавите и промотивните видеа за кои се потрошени 1,9 милион денари

Никола Бакрачески, поранешниот градоначалник на Охрид, вели дека не направил ништо поинакво во однос на медиумите од она што го правел неговиот претходник и од она што сега го прави неговиот следбеник на функцијата.

„Немаше тенденција, ниту фаворизирање во соработката со ’Охрид 1’ ниту со кој било друг медиум. Јас немав врска со тоа кој ќе биде ангажиран, тоа го правеше службата за односи со јавност. Соработувавме со сите медиуми, не само со овој. Иако сметката беше блокирана, тоа можевме да го правиме во рамките на лимитот што ни го одредуваше судот. Општината мораше да објавува информации и не сметам дека тука станува збор за недомаќинско трошење. Износите што Охрид му ги исплаќаше на Таневски додека јас бев градоначалник беа драстично помали во споредба со парите што му биле исплаќани во периодот пред јас да дојдам на функцијата. Голем дел од тие средства беше заостанат долг за услуги што биле извршени уште во периодот пред мене“, вели ексградоначалникот Бакрачески и нагласува дека додека бил на функцијата, успеал долгот на Општината да го намали од 2,38 милијарди денари на 1,2 милијарда.

Таневски вели дека многу поголеми суми ѝ фактурирал на Општината во периодот пред Бакрачески да дојде на функцијата.

„Во периодот по 2013 година, Општината кон мојот, како и кон сите други медиуми, исплаќаше заостанати долгови од претходните години. Во време на Никола Бакрачески мојот портал фактурира кон Општина Охрид петпати помалку од периодите пред 2013 година. За секој еден денар фактуриран по 2013, претходно фактуриравме по пет денари. Во договорите за огласи и соопштенија има член дека износот месечно не смее да надмине 10.000 ден. Секоја фактура е поткрепена со имејл во кој Општината праќа оглас и период за негова објава и принт скрин дека тој е објавен. Некогаш имаше и периоди кога по неколку месеци мојот медиум немаше договори со Општината. Сакам да нагласам дека медиумите во Охрид имаат договори со Општината пред 15 години и мојот портал не е исклучок. Што се однесува до договорот на ‘Мегастар продукција’ за снимање рекламни спотови, можам само да кажам дека ние дадовме 1 милион денари пониска цена од една скопска фирма. Спотовите се снимаа 9 месеци, на нив работеше поголем тим, во сите годишни времиња, се снимаше од воздух, земја и под вода, платени се авторски права за музика, а цената што ја дадовме едвај ги покри трошоците“, рече Таневски.

Медиумите, посебно локалните во Охрид, во неколку наврати, додека градоначалник беше Бакрачески, известуваа дека тендерите што ги добива Таневски се договорени и наместени.

Сметката на Општина Охрид е сè уште под блокада. Градоначалникот Стојаноски тврди дека долгот од 1,5 милијарда денари, откако тој е градоначалник, е намален на 1,366 милијарда денари. Се надева дека со владината помош за нискокаматен кредит сметката по 13 години ќе биде деблокирана.

Извор: Макфакс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e