Во утринските часови вчера, младо девојче од Гостивар завршило во болница со сериозни повреди по немил настан што се случил на една од градските улици.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, станува збор за 19-годишна жителка на Гостивар, која била примена во Медицинскиот центар со тешки телесни повреди околу 08:50 часот. Претходно, случајот бил пријавен во Одделението за внатрешни работи во Гостивар.
Неофицијално, инцидентот се случил додека девојката се движела по улицата „101“, кога била нападната од глутница кучиња скитници. Во обид да се спаси и да се оттурне од нив, таа паднала, при што се здобила со сериозни повреди.
По пријавата, полициска екипа извршила увид на местото на настанот, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.
Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе детали за состојбата на повредената, ниту дали ќе следуваат активности за справување со проблемот со бездомните кучиња во тој дел од градот.
