Червар не се плаши од Вардар: Нема оправдувања, секој играч ќе ја преземе одговорноста

Македонските ривали Металург и Вардар утре ќе го одиграат дерби натпревар од првото коло во регионалната СЕХА лига, а бидејќи тимот од Автокоманда ќе ја има улогата на домаќин, денеска беше одржана стандардната прес-конференција на која главниот збор го имаше Лино Червар.

Македонскиот селектор кој ја има и улогата на тренер на Металург и натаму верува во надоградување на младиот состав со кој располага во овој момент, и посочи дека нивна главна цел оваа сезона е да покажат желба за надигрување и желба за противстваување на многу посилни екипи.

– За Вардар не треба да се зборува многу, ова е традиционално големо дерби, па нема да ни недостига мотив. Цврсто сме на земја, знаеме дека е потребно трпение, работа, секој играч ни е важен. Мислам дека овој натпревар ќе биде интересен и за гледачите, па ги повикувам нашите навивачи да дојдат и да ни дадат поддршка. Ние не сакаме да даваме големи ветувања, но ќе дадеме се од себе. Имаме некои повредени играчи како Дрогишки, Обрадовиќ, но тоа нема да биде важно кога натпреварот ќе почне. Секој играч мора да ја преземе одговорноста, – потенцираше Червар додавајќи дека оваа година СЕХА лигата ќе биде посилна од сите претходни изданија.

– СЕХА лигата оваа година ќе биде најсилна, заедно со натпреварите од Лигата на шампионите, ќе одиграме некои 40 натпревари на кои нашите момци ќе имаат можност да играат со квалитетни противници како загревање за светското првенство во Франција. Јас би бил задоволен ако на крајот од СЕХА лигата може да се оцени дека Металург имал добра игра и екипата дава надеж. Целје и Металург се разликуваат од другите екипи кои се потпираат на силни имиња, додека ние сме со млади екипи. Ние мора што е можно побрзо да пораснеме, ова е лига со најмногу учесници кои играат во Лигата на шампиони. Ние треба да покажеме дека сме чекор напред од последниот настап во СЕХА лигата. Можеби не сме подобри од некои, ама можеме да се спротивставиме на многу посилни екипи. Мене како тренер не ми недостига амбиција, во секој натпревар ќе одиме на победа, – заклучи ценетиот хрватски стручњак пред утрешниот дуел кој е закажан за 20:30 часот во „Борис Трајковски“.

Извор Дерби

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e