Битиќи најавува инвестициски бум: Една милијарда евра само во домашните компании

На отворањето на кампањата за парламентарните избори, потпретседателот на СДСМ Фатимир Битиќи на прес-конференција ги најави клучните заложби на СДСМ и Коалицијата во следниот четиригодишен мандат.

„Изминативе седум години направивме многу за бизнисот. За првпат во 2017 година владата предводена од СДСМ ги изедначи условите за финансиска поддршка на инвестиции на домашните со онаа на странските компании. А, го сменивме и пристапот, од договори во 4 очи, таа стана транспарентна и достапна за сите поддеднакво. Во последните 6 години имаме исплатено над 100 милиони евра финансиска поддршка кон домашните компании, кои направија инвестиции од над 500 милиони евра. Но ова не е доволно, не се откажуваме и во следните 4 години оваа поддршка скоро ќе ја дуплираме и ќе jа зголемиме на 180 милиони евра, што пак ќе значи инвестиции од над 1 милијарда евра во нашата економија. Ова значи уште поголем влог во нашите компании, кој ќе ги направи конкурентни за влез и интеграција во заедничкиот европски пазар од над 500 милиони потрошувачи“ порача Битиќи.

Тој посочи дека ова се важни избори на кој ќе се одлучува за иднината на државата и побара поддршка од граѓаните за бројот еден и Коалицијата за европска иднина.

„А овие избори се важни, затоа што одлучуваме за напред или назад. Она што „Коалицијата за европска иднина“ го нуди е патот за напредок односно патот за интерграција во Европската Унија. Ова е нашата понуда, нашата заложба и нашето ветување. Македонија во Европска Унија, а тука, дома, европски стандарди. Ќе продолжиме да ги покачуваме платите и да го подобруваме стандардот на нашите граѓани. Истовремено ќе продолжиме да ја јакнеме нашата домашна економија со засилена, дуплирана финансиска поддршка за нашите компании за зголемување на нивната продуктивност и конкурентност, со крајна цел нивна интеграција во единствениот пазар на Европската Унија. Затоа, нема откажување од иднината. „Коалицијата за европска иднина“ ви нуди стабилна, безбедна, економски развиена и инклузивна иднина, иднина за сите“ изјави Фатмир Битиќи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e