Денеска е Митровден, празник кој е предвесник на зимата

Митровден е празник посветен на светиот великомаченик Свети Димитриј. Традиционално, Митровден го означува почетокот на студеното време.

На овој ден именден слават оние кои се викаат Димитрија, Димитар, Митре и слични варијации. Некои семејства го земаат овој празник како куќна слава и се служи мрсна трпеза, освен ако Митровден се падне во ден кога се пости.

Светиот великомаченик Димитриј, кој живеел во Солун, во 3. век. Тој бил син на градоначалникот, кој долго време немал деца и по долги молитви, добил син, кого го воспитувал според христијанските верувања. По смртта на татко му, Димитриј бил назначен за градоначалник на Солун. Во тоа време, христијанството не било признаено како државна религија, па царот го советувал Димитриј да постапува сурово кон христијаните, но тој ги подучувал нив како да се чуваат од паганите. За тоа дознал царот и кога дошол да се увери во вистината, Димитриј воопшто не одрекувал дека е христијанин, туку јавно ја презрел паганската религија на царот, поради што бил затворен. Со него се поврзани многу чуда, особено поврзани со одбраната на Солун од непријателите. Поради тоа, овој светец се смета за заштитник на Солун и е познат уште како Св. Димитриј Солунски.

Се верува уште и дека какво е времето во овој ден таква ќе биде и целата зима. Ако е сончево, зимата ќе биде кратка, со малку ладни денови. Ако пак, на овој ден падне снег или температурите се многу ниски, се верува дека зимата ќе се задржи до март или април и дека ќе биде многу ладна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e