Влезот во ЕУ ќе се наплаќа 13 евра од човек

Европската комисија одреден период подготвува и до крајот на годината се очекува да достави предлог за Систем на инфомирање и авторизирање на патувањата (ЕТИАС) на Европската унија со кој секој државјанин што доаѓа од земја што не е членка на ЕУ, меѓу кои и граѓаните на Република Македонија, од јануари идната година ќе мора да се регистрираат 72 часа пред да влезат во некоја од земјите-членки.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, станува збор за систем според кој оние лица надвор од Унијата што можат без виза да патуваат кон некоја земја-членка на Европската унија, ќе мораат да се регистрираат најмалку 72 часа пред влезот во Унијата со внесување на личните податоци и местото каде намеруваат да одседнат и престојуваат во рамки на ЕУ. Како што јавува „Еуроактив“, ќе се плаќа 13 евра и тоа само еднаш и важи за поголем број на патувања во рамки на Унијата. Со овој систем, исто така се очекува и забрзување на влезот на не-ЕУ државјани при пасошката контрола на граничните премини и на аеродромите. 

Таквата идеја, според извори на ЕУ, би имала неколку ефекти, а најмногу се носи со цел овозможување на реципроцитет кон граѓаните на Соединетите Американски Држави, со оглед на тоа што овој систем голем број години се спроведува за државјани на ЕУ кога патуваат кон САД без потреба од визи. 

Втората причина, пак, е безбедносниот аспект, бидејќи со овој систем, службите на ЕУ-земјите однапред би ги имале податоците на оние лица што имаат намера да допатуваат во Унијата. Покрај тоа, ЕТИАС-системот се очекува да ја намали можноста од масовен, неконтролиран влез во ЕУ на државјани на Македонија, Косово, Србија, Албанија, Турција и останатите земји со кои ЕУ има безвизен режим. 

Според пресметките на Еврокомисијата, овој Систем на инфомирање и авторизирање на патувањата во ЕУ би требало да донесе и до две милијарди евра заработка за Европската унија. Овие пари, според предлогот, би се користеле за подобрување на системот за контрола на границите на Унијата и за згрижување на бегалците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e