Путин најави делумна мобилизација во Русија

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека потпишал указ за делумна воена мобилизација во Русија. Путин го предупреди и Западот дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да ја одбрани својата територија и рече дека „ова не е измама“. За време на својот говор, Путин го обвини Западот дека е вклучен во „нуклеарна уцена“ и тврдеше дека високи претставници на големите земји на НАТО дале изјави за можноста за употреба на нуклеарно оружје за масовно уништување против Русија.

„На оние кои си дозволуваат такви изјави за Русија, сакам да ги потсетам дека и нашата земја има различни средства за уништување. Кога ќе биде загрозен територијалниот интегритет на нашата земја… да ја заштитиме Русија и нашиот народ, ние сигурно ќе ги искористиме сите средства што ни стојат на располагање. Ова не е трик“, нагласи Путин.

Путин нагласи дека делумната воена мобилизација ќе започне веднаш. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека указот за делумна мобилизација ќе опфати 300.000 дополнителен персонал да служи во руската воена кампања во Украина. Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека руската мобилизација е очекуван чекор и јасно покажува дека војната не се одвива според плановите на Москва.

„Апсолутно очекуван чекор, кој повеќе личи на обид да се оправда личниот неуспех. Повеќе од јасно е дека војната не се одвива според руските сценарија и за таа цел Путин донесе ваква одлука. Путин се обидува да го обвини Западот за започнување на непредизвиканата војна и за влошената економска ситуација во Русија“, нагласи Подолак.

По изјавите на Путин, британскиот министер за одбрана нагласи дека наредбата за делумна мобилизација е знак дека инвазијата во Украина пропаѓа. Според него, никакви закани и пропаганда не можат да го сокријат фактот дека Украина победува во оваа војна. А чешкиот премиер во објава на Твитер вели дека делумната мобилизација што ја најави Путин е обид за дополнително ескалирање на војната што ја започна Русија и уште еден доказ дека Русија е единствениот агресор. Холандскиот премиер рече дека наредбата на Путин за мобилизација е „сигнал за паника“ во Кремљ, што „не треба да се сфати како директна закана за војна со Западот“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e