Престрелка на бугарско-турската граница, загина полицаец

Бугарски граничен полицаец е убиен на границата со Турција, во престрелка за која постои сомневање дека се работи за група мигранти, соопшти денеска бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.

Тој рече дека неидентификувано лице синоќа од турска територија пукало кон полицајците и војниците што патролирале на дел од границата кај селото Гољам Дервент, пренесува Ројтерс.

Полицаецот починал на самото место, а другите не се повредени.

Како што беше соопштено, на самото место се испратени дополнителни патроли, но напаѓачот не е фатен и се претпоставува дека се наоѓа на територијата на Турција.

Министерот рече дека добил уверување од Турција дека напаѓачот ќе биде пронајден и додаде дека граничните патроли ќе почнат да користат уште еден вид оружје, но не прецизираше за што се работи.

„Патролите секојдневно се соочуваат со невиден бран мигранти. Синоќешниот случај беше екстремен акт на агресија“, рече Демерџиев, додавајќи дека турската страна треба активно да пристапи кон решавање на проблемот.

„Истото го побарав и од Европол и од Европската комисија“, изјави бугарскиот министер.

Бугарија распореди 350 војници и 40 воени возила на јужната граница со Турција, со цел да се справи со зголемените мигрантски бранови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e