Лукашенко: Украина веќе гори, а утре ќе гори и цела Европа

Белорускиот претседател Александар Лукашенко смета дека граѓаните на европските земји сакаат да живеат во мир, но, нивните власти не се во состојба „да го изгаснат пожарот во сопствениот дом“, пренесе руската агенција Тасс.

– Германија, цела Европа – сега нема лидери. Но, дури и да ги има… не можат да го изгаснат ниту пожарот во сопствената куќа, тврди Лукашенко.

Според него, „Европејците не ја сакаат оваа војна“.

– Тие доволно добро разбираат што денес се случува во Украина. Тука во Белорусија, исто така, се обидуваат да запалат пожар. Утре ќе гори цела Европа, додаде Лукашенко.

Неговото мислење е дека Европејците мора да ја запрат конфронтацијата, што веќе резултирала со конфликт на подрачјето на Украина.

Лукашенко ги опиша европските лидери како лудаци, кои, неспособни да му кажат „не“ на Вашингтон, го разгоруваат пламенот во регионот.

– Дали се вистински водачи оние кои им дозволија на Американците да донесат таму (во Европа) дополнително нуклеарно оружје? Тие се лудаци, изјави претседателот на Белорусија.

Тој ја коментираше и улогата на САД во војната.

– Американците единствено се плашат од нуклеарно оружје. А, доколку нуклеарно оружје не се користи, тогаш ќе се борат со конвенционално. Каде? Тие ќе се борат тука. Ние ќе бидеме тука, во овој метеж. Украина веќе гори, нагласи Лукашенко.

Случувањата во Украина, Лукашенко ги нарече катастрофа, па додаде дека „нема земја во советската ера што примила толку големи странски инвестиции како Украина“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e