Избори во САД: Американците одлучуваат кој ќе ја има контролата во Конгресот

Американците денеска избираат нови членови на Конгресот, односно целиот состав на Претставничкиот дом и третина од членовите Сенатот на меѓуизбори избори, кои се наречени така затоа што се одржуваат секои четири години во ноември, на половина од мандатот на Претседателот на државата.

Според Би-Би-Си, овие избори претставуваат и своевиден референдум за актуелната администрација на претседателот Џо Бајден, која се соочува со бројни предизвици во време на голема поларизација на американското општество.

На овогодишните избори, Американците гласаат за сите 435 места во Претставничкиот дом, 35 од 100 места во Сенатот и 36 од 50 државни гувернери, како и бројни други локални функции и гласање за одредени локални прашања.

Анкетите покажуваат дека републиканците се во предност кога станува збор за Претставничкиот дом, долниот дом на Конгресот, додека изборот на членови на Сенатот ќе биде понеизвесен, пишува Би-Би-Си.

Одлуката за тоа кој ќе го контролира Сенатот во следните четири години најверојатно ќе ја донесат гласачите во Пенсилванија, Џорџија и Невада.

Постои можност на конгресните избори републиканците да го вратат мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот, бидејќи играат на економската карта – тема што во моментов најмногу ги фрустрира гласачите, јавува Гласот на Америка. Демократите, од друга страна, својата кампања ја засноваа на прашања како што е абортусот, кои се во центарот на вниманието откако Врховниот суд летоска ја укина универзалната заштита на правото да се прекине бременоста.

Кога станува збор за Сенатот, каде демократите и републиканците имаат по 50 места, ситуацијата не е толку јасна. Републиканците сакаат да го преземат и Сенатот, но трките со демократите, во некои држави каде што сенаторите се на реизбор, се многу блиски.

Демократите, предводени од Ненси Пелоси, имаат мнозинство од 2018 година, кога победија на конгресните избори за време на мандатот на Доналд Трамп. На републиканците им требаат само пет места за да им го преземат мнозинството од демократите, а изборите се случуваат во неколку десетици дистрикти во различни држави.

Доколку републиканците го преземат Долниот дом, ќе назначат и нов спикер кој ќе ја преземе функцијата на 3 јануари 2023 година. Со тоа, тие ќе одлучуваат за комисии и за кои законски предлози ќе се расправа.

Шефот на републиканците во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, веќе ја претстави програмата „Посветеност кон Америка“, со нацрт-закони за економска и гранична безбедност што ќе ги предложат републиканците доколку го преземат мнозинството.

Враќањето на републиканското мнозинство би било и победа за поранешниот претседател Доналд Трамп, кого демократите во Претставничкиот дом го означија како одговорен за насилството во Капитол на 6 јануари 2021 година, оценува Гласот на Америка.

Политичките приоритети на Демократите, како што се правата за абортус, климатските промени и построгите регулативи за оружјето, ќе бидат засегнати, а агендата на претседателот Бајден ќе биде практично мртва во преостанатите две години од неговиот мандат.

Сепак, бидејќи ништо не може да стапи во сила без потписот на претседателот, се очекува дека идните предлози за јавниот долг, владиното финансирање, воените прашања и други да бидат предмет на преговори меѓу републиканците, демократите и Белата куќа.

Сенатот може да оди на двете страни по конгресните избори, но се чини дека демократите се уште имаат шанса да го задржат тенкото мнозинство, односно да останат на 50 пратенички места. Ако не, републиканскиот Сенат би можел да усвојува закони кои потоа би биле прифатени и во Претставничкиот дом, што би го зголемило притисокот врз Бајден.

Републиканскиот Сенат, исто така, би му отежнал на Бајден со блокирање или одложување на потврдувањето на кандидатите на претседателот за судии или членови на извршната власт, додава Гласот на Америка.

Доколку демократите успеат да ги задржат Сенатот и Претставничкиот дом, се очекува дека републиканците би можеле да продолжат да се обидуваат да ги придобијат умерените демократи во Сенатот за нивните законски предлози.

Конгрес со мнозинство на Демократите, исто така, може да ги рестартира преговорите за важни точки од агендата на Бајден кои никогаш не беа усвоени, како што е пакетот социјални и економски мерки за кои демократите не можеа да се договорат меѓусебно.

Повеќе од 42 милиони Американци веќе гласаа, или лично или со испраќање гласачко ливче, покажуваат податоците на американскиот Изборен проект, кој го следи предвременото гласање.

Бидејќи некои држави дозволуваат гласачките ливчиња да се испраќаат по пошта на денот на изборите, експертите велат дека може да поминат денови или недели пред исходот да биде познат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e