Фон дер Лаен: Можно запирање на „Северен тек 2“ доколку Русија ја нападне Украина

Проектот за гасоводот „Северен тек 2“ може да биде запрен доколку Русија ја нападне Украина, предупреди шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, мислејќи на гасоводот, кој сѐ уште не е во функција и кој треба да транспортира гас од Русија до Германија.

„Сакам да бидам јасна: Ништо не е за отфрлање, сè е на маса“, рече Фон дер Лаeн во интервју за Си-ен-ен одговарајќи на прашањето дали „Северен тек 2“ треба да се запре доколку Русија ја нападне Украина.

„Она што го гледаме е загрижувачко. Гледаме акумулација на руски воени сили околу Украина, најголема од Втората светска војна. Значи, има многу јасни знаци дека Русија врши огромен притисок врз Украина и многу јасно се заканува со воена агресија врз Украина, а тоа нема да се толерира. И за тоа се подготвуваме“, изјави првиот човек на Европската комисија.

Продолжуваат дипломатските напори за смирување на тензиите, предизвикани од руската акумулација на речиси 100.000 војници недалеку од границата со Украина, пренесуваат агенциите.

„Европската комисија е одговорна за дизајнирање, обликување и за развивање санкции против Русија – во финансиската, економската и во технолошката област“, ​​рече Фон дер Лаен.

„ЕУ е најголемиот трговски партнер на Русија со приближно 40 отсто од трговијата со стоки и најголем странски инвеститор во Русија со 75 отсто од странските директни инвестиции што доаѓаат од Унијата“, потсети шефот на Европската комисија.

„Овие бројки ви кажуваат дека тоа може да биде многу болно за Русија доколку ескалира агресијата врз Украина“, рече Фон дер Лаен додавајќи дека работи во детали со американскиот претседател Џозеф Бајден на стратешко партнерство за енергетска безбедност.

На прашањето дали Русија треба да биде исклучена од глобалниот платен систем SWIFT доколку ја нападне Украина, Фон дер Лаен повтори дека ништо не е исклучено. Сепак, таа одби да даде детали за пакет-санкциите на ЕУ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e