Многу би се излажале ако помислиме дека дури и денес во МАНУ се создава некаква клима на потенцијална диференцијација, на не дај боже конфликт помеѓу академиците околу состојбите во државата и потребите од нивно активно вклучување во нивното разрешување.
Впрочем, не ни мора(в)ме самите да се лажеме зашто веќе во старт нивниот претседател јасно и гласно и без трошка срам не’ информира дека меѓу нив нема кавга, дека таму сите искажувања се легитимни, дури добредојдени. Па до бога, тие се академици, вели тој фарбан матуф, и имаат право да се искажат.
Онака, јавно, јасно и гласно, како библиотекарон убуткан во академски костум преку којзнае какви гнасни вмровски врски: да плука по се’ што мисли поинаку, да етикетира, да христијанизира и лево и десно … И којзнае што се’ тие стари баби со плетилата в раце си шепкаат меѓу себе на наша сметка, којзнае како не’ гледаат и именуваат. Таква бескрупулозност, лицемерие и општествена неодговорност не сме виделе одамна!
Многу би се излажале – себеси и другите – ако дури и за миг поверуваме и дека навистина, како што не’ информира (не само) белградскиот библиотекар, МАНУ е сериозна институција која не треба да се изјаснува за секојдневните проблеми ниту треба да ја коментира актуелната состојба. Впрочем, мислам дека никој не ни барал – барем до сега – од „академиците“ да се бават со дневна временска прогноза, со коментирање на последните дуели на Вардар со Шкендија или Турново или со стручно видување на дневната флуктуација на цените на арпаџикот на Бит пазар (како најблизок до нивната институција – фактички и метафорички!). Ама верувам дека многумина, ако не и сите граѓани на оваа држава сакаа(т), на пример, да го чујат мислењето на официелно најпаметната македонска институција за континуираното повеќегодишно девастирање на престолнина според диктатот на еден шизоиден самоумислен „архитект“ кој едновремено глумеше и премиер на оваа држава.
И сигурен сум дека ќе сакавме да го знаеме ставот на нивниот Истражувачки центар за културното наследство за прогласувањето на „Триумфалната порта“, споменикот на Аце Македонски и сите други идиотштини од „Скопје 2014“ за културно наследство! Или мислат дека и тоа е обично секојдневие, дневна политика и ништо повеќе? Или мислат дека и нивниот Истражувачки центар за животна средина и материјали не им должи некаков одговор, или барем став на граѓаните на оваа држава за тоа кој, со што и зошто систематски ги труе? Или и тоа би била дневна политика? Или сето тоа ќе го дознаеме некогаш, со десетгодишна заддршка, откако злосторничконо здружение дефинитивно ќе замине таму каде што му е местото? Дали тогаш „академициве“ ќе се раскокодакаат како баби средсело и ќе ни ги нудат нивните анализи и синтези на состојбите што дремеле заедно со нив по фиоките, тогаш кога ќе бидат сигурни дека долгата рака во догледно време не ќе може да ги допре? Или и тогаш нема да смеат да писнат зашто долгата рака си е долга рака и таа допира и таму каде што не се надевате, па можеби во јавноста, некако одоколу, би можеле да се појават непријатни сознанија за учеството на некои „академици“ во матните и криминални зделки на здружението?
Златко Теодосиевски