На грчки ја преведе мојата драга пријателка Александра Јоаниду, професорка по словенска литература и јазик на универзитетот во Атина.

Најсрдечно и‘ благодарам на Катерина Колозова што и‘ предложи на редакцијата токму јас да напишам колумна за весникот „Авги“.

Еве го македонскиот текст:

Јас сум македонска прозна авторка. Уште три дена пред потпишувањето на Договорот за „спорот за името“ го објавив моето позитивно мислење за него. Притоа уште од почетокот ми беше јасно колку ирационален беше „спорот за името“. Исто така, како и многу други Македонци, и јас ја доживував ознаката „ФИРОМ“ како стигма. Јасно ми беше дека мојата татковина само чудо би можела да ја спаси од „додавка“ кон името. Договорот не е идеален, туку реалистичен реазултат на долгите и тешки преговори.

Но, уште нешто ми беше отсекогаш јасно: „спорот за името“ можеше да се случи само на Балканот! Таму историјата ретко се надминува, туку, најчесто, се табуизира. Мојата научна област е филозофијата. Филозофски ме обликуваше Критичката теорија, пред се‘, мислењето на Теодор В. Адорно. Од него научив дека поимите се седиментирани историски искуства. Во името Македонија може да се прочита тешката балканска историја. Овој регион беше долго присутен во европскиот жаргон како „јаболко на раздорот“. Тоа трауматско наследство на регионот Македонија може да биде надминато и помирено само во обединета Европа. Од ова „минско поле“ на националните гордости еден ден би можела да настане една восхитувачка културна симфонија од многу народи. Слична на онаа во Буковина, татковината на Паул Целан, пред Втората светска војна. Секако, само ако таму би имало луѓе кои на национализмот ќе му го спротивстават толерантното општество. Само заради надежта, дека со помош на ЕУ би можел да започне процесот на помирувањето, го поздравувам Договорот.

За тоа имам и приватни причини. Родена сум како дете на бегалци. По бегството на фамилиите на обајцата мои родители тогаш беа поминати само три години. Тие тогаш само што беа станале апатриди. Јас се родив апатрид. Моите родители беа словенски Македонци. Фамилијата на мајка ми побегна 1948-та од селото близу Костур (Kastoria), во подножјето на планината Вич (Vitsi). Границата со Југославија ја преминаа во Преспа. Таму каде што беше потпишан Договорот. Татко ми побегна со родителите 1947-та од околијата на Лерин (Florina) преку границата во Битола. Траумата на бегството е моето „бегалско наледство“. Грција е дел и од мојата фамилијарна биографија. За тоа пишувам во моите книги.
Како тогаш можеш да го поздравиш Договорот, ме прашуваат пријателите. Токму затоа што не ја заборавив траумата на бегството на моите родители. Токму затоа што сум свесна дека паметењето на Македонците во Грција, кои во Граѓанската војна ги нарекуваа „Славо-Македонци“, е табуизирано во денешна Грција, го поддржувам Договорот.

Приближувањето на двете општества би можело да помогне да се надминат историските табуа во Грција. Еден ден и границата меѓу двете земји би можела да стане многу поотворена. Тогаш никој повеќе не ќе мора толку да страда како татко ми, кој секоја година одново патуваше до граничниот премин во Битола, за да проси долго пред грчките граничари да го пуштат барем еднаш во неговата некогашна татковина. Ако не поинаку, тогаш и со лисици на рацете. Татко ми беше длабоко трауматизиран од бегството. Се чувствуваше виновен – затоа што тој, шеснаесетгодишното момче, го преживеа бегството, но, мајка му мораше да умре. Тој никогаш повеќе не се врати во Грција. Тоа не му беше дозволено.

Договорот ќе им помогне на двата народи да се запознаат. Тие, така, ќе почнат своите литератури да ги преведуваат и да ги читаат. Тие, така, ќе почнат меѓусебно да се разбираат. Тие, можеби, наскоро ќе сфатат дека треба да ја признаат својата историска вина и да побараат прошка.Тоа денес уште е фантазија! Пред се‘, со оглед на гигантската гордост на некои Грци. Двата народи еден ден би можеле да се научат да се соочуваат со сопствената историја. За да можат еден ден и да ја надминат. Зошто не по примерот некогашните „наследени непријатели“, Германија и Франција? По Балканксите војни регионот Македонија се протега во неколку држави. Како и регионите Елзас и Лотрингија.

Македонскиот јазик е јадрото на македонскиот наионален идентитет. Тоа е потвредно со Договорот. Исто така и името Македонци. Предвидената додавка (Северна) кон сегашното име на државата е само географско појаснување. Сепак, за многу Македонци оваа промена е болна. Затоа што е историска цезура. Пред триесет гидини се распадна државата Југославија, во која мојата родна земја беше една од неколкуте републики. Македонците уште не ја имаат вистински надминато таа траума. А сега треба да ја прифатат и промената на името. Промена, која што тие не ја избраа самите. Тоа ги повредува дури и многумина мирољубиви луѓе. Многумина, особено потомците на егејските бегалци, имаат фобични фантазии – Грција би можела да се преобрази во некој гигантски чувар, во стилот на Орвеловите антиутопии, кој би можел да ги „шпионира“ дури и во соседната земја дали тие во приватниот живот го употребиле името „Македонија“ без додавката. Зошто овие луѓе имаат ваков страв? Затоа што тие од своите родители, од своите дедовци и баби, имаа чуено дека грчката држава ним еднаш веќе им го беше забранила нивниот македонски јазик. Многу луѓе во мојата татковина немаат доверба во Грција. И тоа е разбирливо. „Спорот за името“ за нив беше голема навреда. Сега Грција има задача да ја стекне довербата на соседот.
Некои македонски граѓани ги одбива барањето во Договорот, според кое треба да се отфрли од Уставот делот во кој се говори за „грижата“ за македонските малцинства во соседните држави. Тој дел, всушност, е отстранет уште 1995-тата. Јас, пак, мислам дека правата на луѓето во Грција, кои себеси се идентифицираат како словенски Македонци, може да ги гарантира само државата чии граѓани тие се самите – грчката држава. Такви беа и моите роднини, кои по Граѓанската војна беа пргонети.

Заедничките комисии што се планирани со Договорот, еден ден би можеле конечно да го укинат табуто во Грција за судбината на словенските македонски бегалци. Се надевам дека со тоа и Грците ќе ја надминат нивната сопствена траума од таа војна. Таа траума, според моето мислење, беше сето време невидливата заднина на „спорот за името“. Дури тогаш на денешните Грци ќе им стане јасно каква неправда грчката држава им нанесе на сопствените граѓани кога со еден декрет на побегнатите словенски Македонци им го одзеде државјанството, ги прогласи за туѓинци и нивната сопственост ја направи слободна за конфискација. Во врска со тоа, Грција би можела многу да научи од Германија и од нејзиното однесување кон германските Евреи. Во Германија порано често имаше средби на германските ученици со Евреите што го преживеаја Холокаустот. Моите родители се веќе починати. Но, јас уште, во нивно име, сонувам за една Грција во која и јас еден ден, во некое школо во Атина, на грчките ученици би можела да им раскажам за моето детство во егејското бегалско гето.

Кица Колбе
Келн, 28.06. 2018