Роналдо: Бројките докажуваат дека ја заслужувам „Златната топка“, Јувентус е како семејство, за разлика од Реал

Јувентус игра во историски добра форма а Кристијано Роналдо е во голем дел заслужен за тоа. Од 15 одиграни натпревари, Јувентус победи во 14 и ремизираше само еднаш, а Португалецот постигна 10 гола.

Во меѓувреме, неговиот најголем ривал Лионел Меси ја одржува Барселона на врвот на Ла Лига иако каталонскиот тим не игра уверливо како во претходните години. Меси веќе постигна еден гол повеќе од Роналдо во оваа сезона и изгледа дека е среќен во Барселона, но Роналдо и понатаму се надева дека Аргентинецот ќе ја промени средината и ќе му се придружи во Италија.

„Можеби му недостигам на Меси. Играв во Англија, Шпанија, Италија, Португалија и за националниот тим, додека тој и понатаму е во Шпанија. Можеби навистина му требам. За мене животот е предизвик, го сакам тоа и сакам да ги направам луѓето среќни. Би сакал да дојде во Италија и да ми се придружи во Серија А, но ако е навистина среќен тогаш го почитувам поради тоа што остана во Ла Лига“, изјави Роналдо за Gazzetta dello Sport.

Според изјавите на Португалецот, може да се заклучи дека тој е навистина задоволен во новата средина. Кристијано вели дека е посебно импресиониран од играчите во составот на Јувентус, кои смета дека се многу скромни, за разлика од неговите соиграчи во Реал Мадрид.

„Тука не ми недостига ништо. Ова е мојот живот и во моментов сум среќен. Можам да кажам дека ова (Јувентус) е најдобрата група на луѓе со кои имам работено, бидејќи знаеме дека сме тим, сите сме скромни и сакаме да победуваме. И играчите во Мадрид беа скромни, но не како овие во Торино. Се чувствувам како дел од семејство“, додаде Роналдо.

Иако беше познат по добрите односи со соиграчите во Реал Мадрид, Роналдо изјави дека медиумите треба да престанат да пишуваат шпекулации за потенцијални трансфери на Герет Бејл, Марко Асенсио и Џејмс Родригез, бидејќи на Јувентус не му се потребни тие играчи.

Роналдо: Ја заслужувам златната топка

Португалецот е убеден дека тој требало да го освои и годинешното признание, а за тоа покажуваат и бројките зад неговото име.

Роналдо постигна 45 погодоци на вкупно 58 натпревари за клубот и репрезентацијата во 2018 година, а во април постави и нов рекорд во Лигата на шампионите постигнувајќи погодоци на 11 натпревари со ред во најелитното европско натпреварување.

-Мислам дека ја заслужувам Златната топка секоја година. Работам за тоа, но доколку не ја освојам тоа не значи дека е крај на светот. Бројките не лажат, но не мислете дек ајас сум помалку среќен што не ја освоив. Имам фантастични пријатели и семејство, играм за еден од најдобрите светски клубови, дали мислите дека би одел дома и би плачел?- коментираше Роналдо за италијанските медиуми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e