Мукаетов: Македонија првпат домаќин на Европско првенство, мора да покажеме дека може да направиме нешто што ќе биде светски

Македонија за првпат во својата историја ќе биде домаќин на Европско сениорско првенство во екипен спорт, сето тоа благодарение на спортот број еден во државата – ракометот.

Од 4. до 20. ноември оваа година покрај Љубљана, Цеље и Подгорица, и Скопје ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство за жени. Како најава за големиот спортски настан во нашата држава, денеска Ракометната федерација на Македонија организираше прес-настан на кој претседателот на РФМ, Живко Мукаетов повика на заедничка сплотеност во организацијата на шампионатот како на светот би му покажале зошто ракометот е спорт број еден во Македонија.

„Идејата е да бидеме сите тука заедно и да покажеме дека водиме грижа едни за други. Сите заедно го работиме тоа во континуетет да креираме колку можеме подобар ракомет за Македонија. На престојното Европско првенство очекуваме поддршка од нашиот народ за нашите девојчиња која навистина ја заслужуваат. Мораме заедно да продолжиме да работиме и да покажеме дека можеме да додадеме додатна вредност за мак-ракометот. Мора да покажеме дека во Скопје, Македонија може да направиме нешто што ќе биде светски. Да покажеме сите заедно зошто е спортот број еден во Македонија“ – истакна Муакетов на собирот пред домашните медиуми.

На сето тоа се надополни и ЕХФ Амбасадорот на европското првенство, Гордана Нацева.

„Чест и задоволство е што денеска сум овде. Свесни сме колку голема работа ни се случува и што значи да се биде домаќин на европско. Не секоја држава ја има таа можност. Ја поздравувам РФМ за организацијата и сметам дека се одржува во исклучително важен момент за женскиот ракомет. Ова ќе биде голем мотив и силен импулс за сите нас. Не секоја генерација има чест да игра во својата земја на големо натпреварување. Со верба во себе и помош од трибините верувам дека можеме да бидеме изненадување. По долго време мак-публиката ќе може да присуствува на натпревари на европската ракометна елита. Предизвик за нас е да бидеме добри домаќини и дека сите гости ќе понесат најубави спомени за нашата земја. Напред Македонија!“ – истакна Нацева.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e