Десетици илјади граѓани денеска се собраа на плоштадот Македонија во Скопје, каде ги пречекаа европските шампиони во ракомет, ракометарите на „Вардар“.
Час и половина ечеа навивачки и патриотски песни, а се вееја знамињата на ракометниот клуб „Вардар“, на Македонија и со сонцето на Вергина.
Ракометарите пристигнаа во 13.45 часот со двокатен автобус во боите на клубот. Тие беа придружувани од полиција, а кога пристигнаа, добија громогласен аплауз од граѓаните.
На почетокот на манифестацијата, химната на Македонија ја отпеја пејачката Викторија Лоба, а потоа водителите, по претставувањето на кратката историја за клубот, почнаа да ги прозиваат ракометарите на сцената.
Сите истакнаа дека ова е заслужена победа за Македонија и дека сè уште не можат да поверуваат дека успеале да се искачат на ракометниот врв на Европа.
Извор: Мета