ЛШ: Страшен старт на Металург, уште пострашен пад и пораз од Прешов

Металург загуби во Прешов од Татран 27-22 во второто коло, во Ц групата во Лигата на шампионите.

Петнаесетина минути добра игра не беа доволни Металург со позитивен резултат да го мине гостувањето во Прешов, против екипата на Татран која неодамна избраниците на Лино Червар ја победија во СЕХА лигата.

Вистински ракомет Металург демонстрираше до 14-та минута, Арсиќ со неколку добри одбрани внесе сигурност во одбраната, нападот функционираше беспрекорно и младите металурзи стигнаа до предност од 9-2.

И тоа беше сé што Металург го одигра во Прешов. Домаќинот брзо се консолидираше, промената на зоната во 4-2, предизвика вистинска конфузија во нападот на Металург, зачестија техничките грешки и Татран до полувремето стигна до само гол негатива.

Металург во периодот од 14-та до 35-та минута постигна само четири гола, Словаците направија серија 12-4 го презедоа водството кое повеќе не го испуштија.

По таа 35-та минута Металург целосно се предаде, Словаците се растрчаа по теренот имаа предност и од седум гола, а кога во последните пет минути го забавија ритамот, Металург избори пристоен пораз.

Голманот Бразник со 10 интервенции и Хрстка со седум голови го предводеа Татран, додека кај Металург најдобар играч беше голманот Арсиќ со 12 интервенции, додека стрелците ги предводеа Драгаш со пет и Талески со четири гола.

Металург во третото коло ќе гостува кај Чеховски медведи, тој натпревар ќе се одигра на 6. октомври.

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e