Фудбалерот Пабло Мари е избоден со нож во Милано, има и починати

Фудбалерот на Монца, Пабло Мари, е еден од петмина избодени во напад со нож, во супермаркет во Милано.

Италијанските медиуми информираа дека има еден мртов меѓу петмината, човек кој работел на каса во супермаркетот. Фудбалерот бил, очигледно, најлесно повреден, судејќи по веста дека тројца се во тешка состојба и по соопштението на Монца, во кое клубот тврди дека Мари не е во животна опасност.

„Пабло има прилично длабока рана на грбот, но за среќа не се зафатени витални органи како бели дробови. Неговиот живот не е во опасност и тој би требало бргу да закрепне. Има рани, но не се сериозни. Тој е свесен и раните зашиени“, велат во соопштение од Монца.

Нападот се случил во супермаркет од ланецот „Карфур“, во периферијата на Милано, во еден трговски центар, кој бил преполн со луѓе бидејќи близу него требало да се одржи концерт на британскиот рок-бенд Пласибо. Се смета дека нападот не е терористички, а го извршил 46-годишен човек, откако земал нож од полиците во супермаркетот и почнал да боди луѓе кои биле во близина.

Пабло Мари е 29-годишен Шпанец, кој оригинално е фудбалер во сопственост на Арсенал, но игра во Монца на позајмица, како што настапуваше и во Удинезе минатата сезона. За Арсенал одигра 14 меча, во 2020 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e