Легендарниот диџеј и продуцент Томкрафт, со вистинско име Томас Брукнер, почина на 49-годишна возраст, потврди неговото семејство.
Во објавата споделена на неговите профили на социјалните мрежи, семејството на Брукнер ја потврди тажната вест.
„Со тешко срце мораме да ве информираме дека вчера, 15.07.2024 година, почина нашиот сакан татко и сопруг. Засекогаш ќе те носиме во нашите срца и ќе те сакаме додека повторно не се обединиме. Со почит, твоето семејство“, се наведува во објавата.
Причината за неговата смрт не е потврдена. Во проштална порака на Фејсбук, германскиот продуцент Вестбам напиша дека пред само две недели пуштал музика заедно со Брукнер.
„Разговарав со него пред три дена и рече дека закрепнува од грип, но изгледаше добро. Том имаше нова фантастична музика и навистина се радуваше на „Rave The Planet“ со сите нас. Како што сега знаеме: тоа нема да се случи. Навистина е срцепарателно. Почивај во мир, брате“, порачал Вестбам.
Кариерата Томкрафт ја започна во 1995 година кога ја основа издавачката куќа „Kosmo Records“, каде истата година ја објавува сингл плочата „This is no House“, која се смета за класика во историјата на електронската музика.
Во 1998 година, PRO7 каналот го користи неговиот сингл „Power Plant“ како трејлер музика за култната серија „X-Files“. Со синглот „Silence“ во 2000 година бележи голем успех и се наоѓа меѓу топ 20 најпродаваните синглови во Германија. Веќе во 2003 година, Томкрафт го достигна врвот, број 1 на продажната листа во Англија.
Во текот на својата 20-годишна кариера, Томкрафт помина низ различни музички правци, од транс и електро хаус до прогресив хаус и техно. На пошироката јавност ѝ е познат по хитот „Loneliness“ со кој во 2002 година за само една недела доспеа на многу светски топ листи.