Компанијата за лиценцирање музика „Пи-пи-ел“ ги прогласи „Колдплеј“ за најслушана британска група на 21 век.
Музиката на лондонската поп-рок група, која е составена од Крис Мартин, Гај Бериман, Џони Бакланд и Вил Чемпион, се емитувала 40.000 пати повеќе на радиостаниците и телевизиите од легендарната рок група „Квин“, кои се најдоа на второто место.
Најсвирената песна на „Колдплеј“ е хитот од 2008 година – „Viva La Vida“, а потоа и песните „Paradise“, „Clocks“, „Something Just Like This“ и „Adventure Of A Lifetime“.
Формирана во деведесеттите, групата оттогаш доживеа голема популарност ширум светот, а дури петпати беше главен изведувач на фестивалот „Гластонбери“. Од објавувањето на нивниот дебитантски албум „Parachutes“ (2000), тие имаат вкупно девет албуми кои се најдоа на врвот на топ-листите.
„Вклучувајќи групи од последните 60 години, оваа земја (Велика Британија) ги создаде некои од најуспешните групи на сите времиња, така што составувањето на оваа листа беше совршен начин да се одбележи годинашниот Национален ден на албумот. Листата е потсетник на силата и длабочината на британската музика низ децениите и соодветен носител на првото место. ‘Колдплеј’ е соодветен носител на првото место – малку од изведувачите можат да се пофалат со толкава присутност на британското радио и телевизија од 2000 година досега“, изјави Питер Литем, главен директор на „Пи-пи-ел“.
На трето место е машката група „Тејк дет“, додека женската група „Литл микс“ се најде на четвртото место. Иако многумина очекуваа дека ќе котираат повисоко, легендарните „Битлси“ се најдоа на петтото место. Рокерите од Манчестер „Оазис“ се на шестото место, „Би џис“ на седмото место, велшката група „Стереофоникс“ се на осмото место, поп-дуото „Јуритмикс“ се деветти, а „Ролинг стоунс“ ја заокружија листата на десеттото место.
Листата е составена врз основа на податоци од лиценците на „Пи-пи-ел“, кои дозволуваат употреба на снимена музика на радио, телевизија и на јавни места, како што се продавници, барови, ресторани, спортски сали, канцеларии и сл. ширум Велика Британија.