„Time Out“ го прогласи Охридското Езеро за најубаво место во Европа

Охридското Езеро се најде на првото место на изборот на магазинот „Time Out“ за најубави места во Европа, оставајќи зад себе бројни познати туристички дестинации на континентот.
Познатиот магазин го издвојува Охридското Езеро како помирна и значително подостапна алтернатива на италијанското езеро Комо, познато по луксузните вили, славните личности и големиот број туристи.
„Time Out“ посочува дека Европа сè уште крие природни бисери кои не се целосно преплавени со туристи, а токму Охридското Езеро е избрано како најдобра дестинација за патниците кои бараат спој на природа, историја и автентично доживување.
Едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, кое се протега меѓу Северна Македонија и Албанија, плени со кристално чистата вода, планините во позадина и богатото историско наследство.
Посебно внимание е посветено на Охрид, главниот туристички центар на македонската страна од езерото. Стариот дел од градот, калдрмисаните улици, средновековните цркви и препознатливите теракотни покриви создаваат уникатен амбиент кој, според магазинот, може да се мери со најпознатите европски езерски дестинации.
Покрај природните и културните богатства, „Time Out“ ја нагласува и значително попристапната цена за одмор во Охрид во споредба со езерото Комо.
На листата се најдоа и Алберобело во Италија, ботаничката градина Кју Гарденс во Лондон и „Каса Батљо“ во Барселона, но Охридското Езеро се најде на самиот врв.
Ова е уште едно големо меѓународно признание за Охрид и Охридското Езеро, како една од највредните природни и туристички дестинации не само во Македонија, туку и во Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e