Жените се повеќе се стекнуваат со образование, но за истото ниво добиваат пониска плата

Право на образование имаат и се повеќе жени се образовани, доминантни се во одредени сектори како правото, економијата, образование и медицински дејности, но кога станува збор за присутност на управувачки позиции постои нерамнотежа. Тука преовладуваат се уште мажите, а жените по традиција се предводници во домашните активности.

Официјални податоци од Државниот завод за статистика од септември 2020 година покажуваат дека женскиот пол во периодот од 2000 – 2019 година е застапен како високообразован кадар со 59 проценти од вкупниот број високообразовани луѓе во државата. Во 2019 година, од вкупно одбранети магистерски студии дури 60,1 отсто се на жени, а одбранети докторски дисертации се 58,9 проценти се од жени.

Но, иако имаат соодветно образование, бројките покажуваат дека  со исто ниво на образование платите кај жените се пониски. Податокот на статистика достапен за 2014 година вели дека со високо обрзование мажите просечно имаат заработувачка од 24.834, додека жените 23.488, со средно 21.024 мажите, а жените 17.455…, а , исто така, и работниот час просечно кај жената е понизок за разлика од мажот.

-Наспроти високите бројки на образован женски кадар, постои видлив дисбаланс во однос на процентот на жените присутни на управувачки позиции во бизнисот и општеството воопшто, односно, само 28,7 проценти според последните истражувања од првото тромесечие во 2020 година. Констатирано е дека колку се оди повисоко во органите на управување, како надзорни и управни одбори, борд на директори и сл. толку застапеноста на жените е помала, вели за МИА Лидија Трипуноска, генерален менаџер на агенција „Марили“, која работи на  проекти посветени на жената во бизнисот и која веќе 25 години прави годишно избор на 10 најдобри жени менаџерки во земјава.

Според неа очигледно е дека постојат објективни и субјективни фатори за оваа состојба. Дел од нив, како што истакнува, се во традиционалните норми за улогата на жената во домаќинството и во општеството, а дел се во недоволното негување на културата на успешност на жените во професијата.

-За таа цел се преземаат активности за зголемување на процентуалната застапеност на жената во менаџерските тимови следејќи ги европските загарантирани норми.Сметам дека агенцијата „Марили“ со своите промотивни проекти за жените во бизнисот дава свој печат веќе четврт век и го канализира патот за поддршка и поттик на младите генерации образовани жени да бидат храбри, да се впуштат во бизнис водите и да градат успешни кариери во претприемаштвото, менаџерството и во женското лидерство, порачува Трипуновска.

Потенцира дека од нејзиното искуство може да се констатира дека процесите за женските права и рамноправноста, иако споро, сепак, напредуваат. Жената, вели, не само што е рамноправна во пристапот кон секое работно место, туку е и квалификувана. Па, дури и поквалификувана од мажот.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажува дека во земјава од вкупниот број работоспособно население жени се 376.111 или 39,9 отсто. Од вработените пак чиј број вкупно е 789.552 жени се 40,3 отсто или 317.813.

Најчести работи професии во кои се среќаваат жените во земјава се правните, економските, педагошките и медицинските дејности, а во поново време актуелни се маркетингот, управување со човечки ресурси, ИТ-индустријата и др. Доминантни се и во трудоинтензивните дејности и преработувачката индустрија.

Работата по дома традиционално е се уште на жената. Подготвувањето на храна кај жената зазема 37 отсто од домашните активности, додека кај мажите само 12 отсто. Миењето садови кај жената зазема 16 отсто од домашните активности, додека кај мажите само 2 отсто.

Од фондација Kvinna till Kvinna наведуваат дека и покрај постоечките квоти, жените се уште не се рамноправно застапени во процесите на донесување на одлуки на сите нивоа. -Само една криза, потенцираат за МИА, ковид пандемијата, беше доволна да ни покаже дека потребите на жените лесно се забораваат и се занемаруваат, се земаат како неутрални, и недостасуваат во одговорот од страна на државата, како на пример при креирањето одредени мерки за справување со пандемијата.

-Додека на институциите им требаше време да се прилагодат на новата состојба, женските организации беа тие кои неуморно продолжија да работат на терен пружајќи помош и поддршка на жените жртви на родово засновано насилство, но и на сите останати маргинализирани групи на жени, увидувајќи ги нивните реални потреби и застапувајќи се институциите да преземат конкретни активности, паралено водејќи сметка за тоа законите кои се носат да одговорат на реалноста во пракса, истакнуваат од Фондацијата.

Нивната оценка преку работата на нивните партнерски организации е дека се уште постојат дискриминаторски содржини во различни сфери од јавниот и политичкиот живот вклучително и во образованието, но неретко и дискриминаторски наративи од страна на клучни политички фигури, медиуми и генералната јавност, преку кои се одржуваат и се засилуваат веќе воспоставените родови стереотипи и предрасуди.

Сепак истакнуваат дека  во изминатиот период очигледен е напредокот во однос на законската регулатива која се однесува на родово заснованото насилство и дискриминација, а во тек се неколку процеси во однос на генералната системска рамка за родова еднаквост. Според нив навистина е важно овие законски промени да најдат соодветна и доследна примена во пракса, во спротивно, сметаат,  залудни се сите заложби и покрај „совршената” рамка ставена на хартија.

Порачуваат дека од исклучителна важност во сите овие процеси е секако институциите да ги земат предвид потребите, приоритетите и проблемите со кои се соочуваат жените низ целата територија на државата кои ги артикулираат, адресираат и пренесуваат преку женските граѓански организации.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на јавна дебата Најави дека МТСП оваа година сериозно работи на подготовка на нова Стратегија за родова еднаквост.

Шахпаска потенцира дека родовата еднаквост е заедничка обврска и приоритет на Владата и дел од владината програмата за работа 2020-2024 година и обврска од агендата за одржлив развој до 2030 година, како на национално, така и на локално ниво.

Во насока на остварување на родовата активност, како што рече Шахпаска, важно е почитување на концептот на еднакви можности што означува дека жените и мажите треба да имаат еднакви права на човечки, социјален, економски и културен развој, како и подеднакво право на глас во општествениот и политичкиот живот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e