Заев на средба со претставници на АДКОМ: Државата ќе им излезе во пресрет на јавните комунални претпријатија во тековниот кризен период

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за финансии Фатмир Бесими, и преку онлајн врска со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, остварија средба со претставниците на Здружението на даватели на комунални услуги – АДКОМ, кое ги претставува јавните комунални претпријатија во Република Северна Македонија.

На средбата беше разговарано за состојбата и тековните предизвици со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во земјата и можностите да го одржат квалитетот на услугите кон граѓаните во претстојниот кризен период предизвикан од пандемијата од вирусот КОВИД-19.

Претставниците на АДКОМ, на чело со претседателот Зоран Георгиев, го запознаа Премиерот со актуелните проблеми и барања на Здружението на даватели на комунални услуги кои се однесуваат на даночни и друг вид финансиски олеснувања и субвенции со цел да ја подобрат ефикасноста на своето работење.

Премиерот и министрите ги разгледаа нивните барања и изразија цврста волја да им се даде силна поддршка во претстојниот период.

„Сите заедно пребродивме една тешка сезона и државата чувствува должност да им помогне на јавните комунални претпријатија. Ние тоа ќе го направиме и преку зајакнување на општините преку следниот пакет за децентрализација“, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев изрази уверување дека Владата, во соработка со државните институции, ќе најде решение за отпис на каматите за долгови што ги имаат јавните комунални претпријатија кон државните институции, а во наредниот период преку еднократна интервентна мерка ќе ги поддржи јавните комунални претпријатија во износ на една минимална плата за вработените.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e