Втор месец агонија на жителите од Стајковци. На прагот на зимата домовите сеуште во кал и влага

Иако поминаа два месеци од страотната поплава во скопско Стајковци дел од жителите велат дека сеуште немаат земено ниту денар  финансиска помош од државата за санирање на штетите. Се снаоѓаат со свои пари, кој од плата, кој од кредити кои морале да ги подигнат за да покријат барем дел од трошоците за санација. Нивните домови сеуште не се оспособени за живеење бидејќи на ѕидовите има траги од влага и мувла која поради ниските температури тешко се суши. Јаготка Крстевска со солзи во очите раскажува за својата мака. Вели една недела пред поплавата целосно го реновирале долниот спрат од куќата, а потоа водената стихија целосно го уништила, па сега мора да враќа  двојни рати  за кредит, една за потрошените пари пред поплавата и втора за сегашните трошоци.

“Страотна беше глетката тогаш, на полна куќа и се во неа уништено, страотна е глетката и денес на празна  куќа. Една недела пред поплавата  реновиравме и си рековме е сега конечно раат ќе си седиме. Но радоста траеше кратко. Поплавата ни однесе буквално се. Од покуќнина не остана ништо. Единствено успеавме да го спасиме шпоретот на дрва и трпезаријата. Останатото го фрливме. За утеха си велам, добро е што спасивмежива глава бидејќи јас бев поклопена со шифоњерот и едвај ме извлекоа” – објаснува Јаготка.

1

Досега вели не земале никаква помош од државата освен околу 12 000 денари од донации на граѓаните преку Црвениот крст. Со овие пари вели купиле бои за кречење. Другите трошоци се целосно на нивниот грб.

“Сеуште немаме земено ни денар. Направија проценка кај нас веднаш по поплавите но незнам зошто толку заглави работата. Бевме да прашаме и не препраќаат од едно на друго место. А време за чекање нема. Ладно е и тешко се сушат подот и ѕидовите. Втор месец седиме на таван во едно собче кое го приправивме по поплавата колку да сме под суво. Не е ниту измалтерисано, ниту има под, ама ставивме кревет за да има каде да спиеме. Многу сме разочарани. Траги сеуште има на ѕидовите кои нема да се исушат ниту по една година. Варосавме веднаш по поплавата ама влагата повторно се појавува. Наместо бели ѕидовите стануваат кафени. Џабе фарбаш. Незнам, незнам што да речам. Никој да не доживее ваква катастрофа”- додава жителката на Стајковци.

Улиците низ селото сеуште стојат неасфалтирани. Жителите газат низ прашина и кал. Општинските власти велат ставиле само тампон колку да се покрие водата и калта, но на некои места и тој веќе пропаѓа. Очекуваат дека надлежните ќе реагираат и ќе ја поправат патната инфраструктура бидејќи ова село пред поплавите како што раскажуваат било налик на мало градче, со асфалтирани улици, уредени куќи и дворови. Поголемиот дел од населението се занимава со земјоделство и производство под фолии, па целиот труд и мака го вложиле во обезбедување на пристоен живот. Сега велат почнуваат од нула.

2

“Кога ќе видам на слики што сме имале, а сега што остана и како треба да се мачиме ме фаќа и страв и мака. Сега почнуваме како прв пат кога закуќувавме “Јово на ново”. Ова е премрежие со кое ќе се бориме, секој шести во месецот сме на штрек. Незнам некој страв не фаќа, се потсетуваме на поплавата. Ни треба финансиска помош. Целата заштеда, цело вложување ни замина за неколку часа, а сега нема кој да ни помогне. Дојдоа проценители да направат записник за проценка на штета и видоа на лице место колку бевме зафатени под вода. Не бараме луксуз туку ветер во грб за да може да се исправиме бидејќи оваа катастрофа не врати назад десетина години”- додава Крстевска.

Пред два дена владата донесе одлука со која ќе се започне исплатата на обесштетување за граѓаните погодени од поплавите кои се случија во август. Исплатата ќе се реализира во неколку транши, овој и наредниот месец. Со првата транша вредна 118 милиони денари ќе бидат опфатени 947 предмети или 25 отсто од засега утврдените четири илјади случаи. Авансните 500 евра кои ги добија дел од граѓаните ќе бидат одбиени од вкупната сума за отштета, а оние граѓани кои не ја добиле оваа помош ќе бидат одеднаш обесштетени за вкупната проценета штета. Првата транша според најавите на надлежните би требало да се реализира до крајот на оваа недела.

С.Б.

Извор: Фактор

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e