Во тендерот за изградбата на Клиничкиот центар нема ништо спорно

Во тендерот за изградбата на Клиничкиот центар нема ништо спорно ниту пак сомнително, реагира Министерството за здравство по обвинувањата кои претходно денеска беа изнесени од опозицијата. Од Министерството тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ лаже и додаваат дека за изградбата на новиот Клинички центар, граѓаните се транспарентно и континуирано информирани.

„Во смисла на оваа постапка за јавна набавка, согласно важечкиот Закон за јавни набавки, државата може да распише тендер за изградба на нов Клинички центар. Во врска со тоа, објавен е тендер – клуч на рака, кој подразбира проектирање, изградба, опремување, трансфер планови и реализација, обука на персонал, како и одржување на објектот и опремата за определен период за секоја последователна фаза.

Финансиската рамка за новиот Клинички центар е позната уште во 2009 година, и е содржана во физибилити студијата за пресметување на гринфилд локација, од Студијата за изводливост на проектот преместување на Универзитетските клиники во Скопје на гринфилд локација која е правена во време и нарачка од претходната влада. Насоките од оваа студија, тогашната влада ниту пак ги почитувала и наспроти јасните насоки се решиле да го реконструираат стариот клинички центар.

Во врска со финансирањето за изградбата на Клинички центар, согласно Законот за јавни набавки, тендер се распишува со планирани средства и истите ќе бидат на сметка во моментот кога ќе настанат обврските, поточно кога ќе се потпише договор.

Договорната обврска ќе настане во 2020 година, а во Буџетот на Република Северна Македонија ќе биде отворена наменска сметка во тој момент кога ќе завршат преговорите со кредиторите – постапка што се води согласно Законот за јавен долг. Таа постапка ќе заврши со закон за заем којшто се носи во владина и собраниска процедура.

Министерството за здравство и понатаму е отворено и транспарентно за појаснување или одговарање на прашања и дилеми поврзани со новиот Клинички центар, кој се реализира во согласност сите важечки закони и прописи во нашата држава.

Со изградбата на новиот Универзитетски Клинички центар сите граѓани во нашата држава ќе добијат модерна и квалитетна здравствена услуга“, велат од Министерството во реакцијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e