(ВИДЕО) Ковачевски: Солидарноста и взаемната поддршка е зајакнување на пријателството меѓу народите на Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на покана на премиерот на Бугарија Кирил Петков, на маргините на заедничката седница на двете влади, присуствуваше на манифестацијата на доделување на наградата „Достојни Бугари“ која традиционално секоја година им се доделува на повеќемина бугарски граѓани кои оствариле големи остварувања и хумани дела за својот народ и за својата земја.

Премиерот Петков ова високо признание им го врачи на бугарските спортистки носители на златен медал на последните Олимписки игри во Токио, како и две деца што собирале средства за нивната болна мајка со продажба на лимонада на свој штанд.

Премиерот Ковачевски наградата „Достојни Бугари“ му ја врачи на пожарникарот Давид Галабов, како еден од добитниците на признанието, кој не го штедел сопствениот живот за да ги спаси животите на две мали бебиња од огнената стихија.
„Пожарникарот Галабов по вторпат ја добива оваа награда, а првиот пат ја добил заедно со своите колеги заради пожртвуваното учество во справувањето со поплавите од 2016 година во мојата земја, во Северна Македонија“, истакна премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски изјави дека граѓаните на Северна Македонија никогаш нема да ја заборават подадената рака на Бугарија и тогаш во 2016 година, но и лани кога нашата земја беше зафатена од големи пожари, за кои меѓу првите, помошта дојде од нашите соседи. Пријателска Бугарија и нејзините медицински и здравствени работници покажаа исклучителна професионалност и во случајот на сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ кога 47 наши сограѓани го загубија животот во стравичната трагедија.

„Ние никогаш нема да го заборавиме сочувството и помошта која тогаш беше пружена“, истакна премиерот Ковачевски на церемонијата на врачувањето на наградата.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски им честиташе на пожарникарот Галабов, и на сите добитниците на наградата и испрати порака на охрабрување за солидарност и помош како обврска да вратиме со добро кон заедницата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e