(ВИДЕО) Ќе има ли смена во врвот на ВМРО – ДПМНЕ?

ВМРО-ДПМНЕ последните години од владеењето ги заборави своите првични постулати и се оддалечи од своите принципи, велат дел од аналитичарите во период кога се повеќе се заговараат реформи во оваа партија.

Дел од познавачите сметаат дека е неопходно првите луѓе на партијата да им го отстапат раководството на нови и свежи кадри кои не се компромитирани.

За да излезе од ќорсокакот во кој се најде потребни се коренити промени во партијата каде се уште владее едноумие, велат поранешни членови за ТВ 24. 

Најголемата грешка што ја направи партискиот врв, додаваат, е што си направи непријатели кај евроатланската заедница. Поранешниот државен секретар во Владата на Груевски, Перо Димишкоски вели дека партијата го изгубила кредибилитетот не само кај меѓународната заедница, туку и кај своето членство.

„Ова е задача на раководството, на нивниот претседател, да објасни зошто не успеаа тие да состават Влада. Оние работи што ги слушнавме, заради тиранската платформа итн., не се прифаќа тоа, бидејќи тоа не го кажаа кога се донесе таа платформа додека траеа преговорите со ДУИ. Единствено во што се претвори во една сила на која се повеќе се гледа како еден дестабилизирачки фактор. Тие позиции коишто ги има сега под итно мора да се напуштат“, вели Димишкоски.

Дел од аналитичарите кои ги бранат позициите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека и во опозицијата партиското раководство не треба да се менува затоа што ја има поддршката кај народот.

„Живееме во време на демократија, па по 11 години власт, не е ни чудо ни трагедија да се отиде во опозиција. ВМРО во опозиција ќе оди како победник а не поразен на изборите и по 10 и пол години владеење и жестоки напади и клевети, грешки и пропусти, подметнувања и милион лаги. Со својата посветена работа и труд ова раководство на ВМРО и нејзиниот водач победи на изборите, но овој пат не го победи СДС, туку и многу посилен противник“,  пишува политичкиот аналитичар Александар Пандов на Фејсбук.

Извори од внатре велат дека во партиските редови тлее незадоволство затоа што Груевски ја изгуби довербата кај меѓународната заедница. Иако партијата го негираше тоа, сепак се посилни се шпекулациите за можни потенцијални кандидатите кои би го замениле партискиот лидер.  Дека се потребни свежи кадри во врвот на ВМРО-ДПМНЕ се согласува и поранешниот претседател на оваа партија, Љупчо Георгиевски. Не е видено никаде во Европа владејачка партија да одбива да ја предаде власта по мирен пат како што тоа го прави ВМРО-ДПМНE, посочува тој.

„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ самиот се доведе во една несимпатиччна позиција пред меѓународната заедница, пред своите албански партнери на кои ќе сметаат утре. Си исече многу мостови, кои сметам дека не требаше да ги исече. Најверојатно ќе требаат некакви реформи“, изјави Георгиевски.

Познавачите на состојбите сметаат дека сепак политичката криза тука не завршува. Реториката, вели, на партијата се повеќе се заострува против новоизбраниот претседател на Собранието и против опозицијата која продолжува да ја стигматизира, додаваат тие.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e