(ВИДЕО) Како и кога се ширеа лажните вести за 5Г – најинтензивно кога станавме членка на НАТО, вели Алексоска за „360 Степени“

Шефицата на проектот за борба против лажни наративи „F2N2“ Росана Алексоска во дебата на „360 Степени“ зборуваше за 5Г мрежата и контроверзии поврзани со оваа тема.

Алексоска вели дека лажните вести поврзани со 5Г во Македонија се интензивирале на 25, 26 и 27 март, што го поврзува со членството во НАТО на 27 март, како и одлуката за почеток на преговори со ЕУ која исто така се случи во овие денови.

„Се започна во доцните часови на 25-ти март кога беа објавени мислења и тоа е еден елемент којшто го среќаваме многу често во секоја дезинформативна кампања, кога нечие мислење во пост на Фејсбук се пренесува како да е вест. Вестите започнаа со тоа дека Америка го шири коронавирусот преку 5Г технологијата, па продолжија со приказната дека има мртви врапчиња. Уште истиот момент кога беа објавени овие вести во одредени портали на нив им се стави признак дека тоа е заради 5Г технологијата. Понатаму наративите продолжија на различни подтеми, имаше се и сешто и секако дека ова беа брутални невистини и манипулации со луѓето. Она што загрижува е што е една ваква лажна вест од комплетно анонимен интернет портал беше споделена на 17 различни Фејсбук групи. Така што, тоа е сериозна бројка и ако се земе во предвид целокупниот обем на вести и развиената инфраструктура којашто постои на социјалните мрежи преку коишто најчесто се дистрибуираат ваквите лажни вести и наративи, тогаш може да заклучиме дека тие вести стигнаа до огромен број луѓе. Вториот канал што беше ставен во употреба беше социјаланта мрежа Фејсбук и тоа не е нешто што не изненадува бидејќи нашите граѓани најмногу ја користат оваа социјална мрежа. Вечерта на 26-ти и во текот на 27-ми март се отворија неколку Фејсбук страници и Фејсбук групи коишто во период од само 2 дена добија по повеќе од 4 илјади следбеници. И третиот канал преку кој граѓаните беа изложени на овие наративи беа 2 онлајн петиции против 5Г. Едната петиција успеа во 2 дена да привлече 13 илјади потписи од нашата земја. Тоа е на една глобална меѓународна платформа за онлајн петиции“,

вели Алексоска.

Таа упати апел до граѓаните да внимаваат со интеракциите на социјалните мрежи бидејќи постои опасност од злоупотреба на нивните податоци.

„Овие бројки коишто ги добивме во еден период од само два-три дена и дополнително дел од верувањата на луѓето само зборуваат за тоа дека нашите граѓани навистина беа изложени од многу извори и преку различни начини на ваквите дезинформативни кампањи“,

вели Алексоска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e