(ВИДЕО) Интервју со Пендаровски: Мѐ следат 24 часа, очекувам уште повалкана кампања

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вели за себе дека е заеднички кандидат на владејачката коалиција, а изразот „консензуален“ не е најпрецизен, затоа што не треба некој да ги добие сите милион гласови. За последните снимки што се вртат од него по социјалните мрежи, вели дека откако било објавено дека е претседателски кандидат, го следи тајна разузнавачка служба за која се сомнева дека е блиска со една партија.

-Тоа се структури врзани со една голема опозициска партија, за која имаше во јавноста извештаи дека на дневна основа прави евиденција каде одите вие, јас… Ова денеска е трета или четврта фотографија во низа во последните 10 дена. Тврдам дека станува збор за 24-часовно физично следење на мене, веројатно и на членовите на моето семејство. Дел работат во институциите, дел ги знам по име и по лик, за жал, тоа го прават подолго време кон своите политички опоненти, вели Пендаровски и додава дека со тоа треба да се справат институциите, затоа што по сите индикатори, станува збор за структура која работи на таа тема.

Како што вели, иако претходно очекувал вообичаена, рутинска кампања и покрај спротивставените аргументи на двата блока, сега е уверен дека таа ќе станува уште повалкана, а на тоа може да одговори на единствениот начин што му е примерен, со аргументи, зборови и со образот што го има.

-Овие луѓе го правеа ова и десетина години наназад, не баш во ист број и за среќа не со истите државни ресурси кои ги имаа на времето. Но за жал, остатоците од тој режим ги гледаме и денеска, а тоа е задача за надлежните институции на оваа власт. Не само мене, не смее да дозволи вас или некој друг да ве шиканира. Си рековме дека режимот замина и сега неговите остатоци не смее да бидат толерирани. Тоа се случува и во време на предизборието, ќе се случува и за време на кампањата. Неодамна имаше по портали, според мене кредибилни информации, дека се прават цели аналитички извештаи за луѓе кои не им се по ќеиф, рече Пендаровски.

Тој вели дека ова застрашувачко искуство го немал во кампањата пред пет години, односно не бил следен физички, иако имало сознанија за прислушкување на телефоните. Според него, во претходната кампања не била направена грешка, па и содржината на оваа кампања ќе биде иста, образложување на приоритетите преку средби со народот, без митинзи и обраќање од висока бина. За предизвиците, изјави дека тоа ќе биде тој што ќе трае најдолго – владеењето на правото.

-Имаме почетни исчекори, но уште години и години, во рамките на преговорите што ќе ни претстојат од јуни, со ЕУ, ќе мораме да одработиме бајаги. Правната држава, средувањето на администрацијата, независноста на судството… тука ќе има уште доста работа, која претпоставувам дека ќе остане и за некоја следна влада, рече Пендаровски.

Со оглед на ингеренциите што би ги добил како претседател, вели дека не би се ограничил на безбедноста или надворешните работи, туку би можел да го поттикне процесот преку морален авторитет и промовирањето на економијата на земјава на средбите со меѓународниот фактор.

-Не можам да направам сам ништо, ќе бидам дел од системот. Ми постави прашање новинарот од загребски „Глобус“, „Како ја гледате Македонија за 10 години отсега“. Во една реченица, како стара членка на НАТО, тазе членка на ЕУ, со многу повисок стандард на живеење и далеку помала стапка на исселување на младите, додава Пендаровски.

Целиот разговор со него можете да го погледнете во видеото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e