(ВИДЕО) „Ден на полицијата“ – Иако стоеја еден до друг, Нухиу и Чавков не се ракуваа

Упадот во Собранието ги раскара, денот на полицијата го одбележаа заедно. Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и директорот на БЈБ, Митко Чавков, им изразија почит на припадниците на полициските сили. Прв пристигна Чавков, придружуван од неговите соработници, а по него и Нухиу во друштво на своите подредени. Иако меѓу нив стоеше само Бесир Дехари, втор човек ацво бирото за јавна безбедност, сепак Агим Нухиу и Митко Чавков не се ракуваа, објави ТВ21.

Говор пред присутните имаше само министерот, кој истакна дека крупните реформи во полицијата мора да продолжат за да се обезбеди напредок и просперитет.

„На државната и јавната безбедност им е потребен професионализам. Потребно е сите заедно, без застанување, да се ангажираме и да продолжиме понатаму. Сите заедно да се ангажираме за да поставиме една темелна транспарентност, чекор по чекор, во секој поглед на воспоставување на односите меѓу полицијата и граѓаните“, изјави Агим Нухиу – министер за внатрешни работи.

Нетрпеливоста меѓу министерот и директор на БЈБ се почувствува на 28 април, кога тие упатија меѓусебни обвинувања кој и зошто е крив за упадот во Собранието и нападот врз дел од пратениците. Нухиу обвини дека високи структури во МВР не си ја завршиле работата, и дека дел од нив постапувале по партиска наредба. Чавков на тоа одговори дека собраниските служби не дале известување дека ќе се избере нов претседател, чин кој според него го предизвикал гневот кај граѓаните.

„За жал е очигледно е дека  во структурите на МВР политичкото влијание има голема улога што е за секаква осуда .Дел од вработените во министерството наместо да ги почитуваат законите и да ги извршуваат своите работни обврски постапуваат по наредби на политичките центри , што е за најсилна осуда и мора да биде санкционирано“,изјави Агим Нухиу – министер за внатрешни работи.

„Имаше обиди полицијата да го спречи влезот на масата луѓе, но употребата на сила можеше да предизвика жртви. Полицијата почна со употреба на сила кога беше неопходна интервенција и кога беше загрозена безбедноста на лицата внатре со цел нивна евакуација. Откако тоа се случи полицијата започна со увид и идентификација на осомничените. Истрагата ќе продолжи и ќе се утврдува одговорноста на сите инволвирани“, изјави Митко Чавков – директор на бјб.

Дали, кој и зошто направил пропуст, пречекорување на овластувањата или неизвршување на задачите, ќе открие работната група која ја формираше министерот Нухиу. Пред неколку дена тој го разреши Чавков од позиција координатор на Оперативниот штаб, а на негово место го постави Горанчо Савовски, поранешен директор на БЈБ, а сега државен советник во Бирото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e